Пратениците на 27 април ги извадиле вратоврските за да не ги задават со нив

Кога во прес-салата влегла толпата меѓу кои и луѓето со фантомки, пратеникот Весел Мемеди и рекол на Радмила Шекеринска да ги соблече штиклите зошто не знаеле што може да се случи, а пратениците еден на друг си сугерирале да ги извадат вратоврските за случајно да не ги задават со нив.

518
ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

Кога во прес-салата влегла толпата меѓу кои и луѓето со фантомки, пратеникот Весел Мемеди и рекол на Радмила Шекеринска да ги соблече штиклите зошто не знаеле што може да се случи, а пратениците еден на друг си сугерирале да ги извадат вратоврските за случајно да не ги задават со нив.

Ова го раскажа Мемеди сведочејќи во судница за 27 април, додавајќи дека тој ја извадил неговата и ја ставил во џеб.

– Еден од обезбедувањето ми рече дека треба да се движам од левата страна, јас не знаев што сака да ми каже. Кога веќе одлучив да одам на таа страна што ми рече, се сеќавам дека еден крупен човек со брада и ќелав раката ја држеше позади и бревташе. После видов дека има пиштол – сведочеше Мемеди покажувајќи со рацете каде ги држел рацете и импровизирајќи го бревтањето.

Еден од адвокатите подоцна го праша пратеникот дали видел дали пиштолот е пластичен или метален.

– Што бара пластично оружје на 27 во таа сала – му возврати Мемеди на адвокатот.

Пратеникот се сеќаваше и на други моменти од 27 април.

„Еден од толпата на Џеват Адеми му рече: „11 години сте биле со нас. Зошто ни направивте вака?”. После Џеват ми кажа дека овој човек бил од Велес – рече Мемеди.

Како што претходно информиравме, пратеникот во судница сведочеше како дошло до пеење на албанската химна од говорницата во Собранието на 27 април. Тој кажа дека по моментот кога Крсто Мукоски на конститутивната седница ја пеел македонската химна од говорницата за реплика или процедурално за збор се јавиле двајца пратеници, Артан Груби и Џеват Адеми од ДУИ, а по нив копчето го притиснал и пратеникот од БЕСА Зекирија Ибраими кој ја пееше албанската химна од говорницата.

Меѓутоа, претседавачот на седницата Трајко Велјановски му дал збор на Зекирија кој излегол и ја пеел химната.

– Убеден сум дека Артан Груби и Џеват Адеми се пријавија за збор веднаш, а пратеникот од БЕСА стисна на копчето по нив – раскажуваше пратеникот.

Тој кажа дека во текот на вечерта пријател му пишал порака: „Што направи бе овој будала од БЕСА, дали е паметен човекот”.

– Јас му одговорив дека човекот не е од тука и ова е чисто сценарио. И по 10 години да ме прашате ќе кажам дека тоа беше сценарио. Јасно видов дека Артан Груби и Џеват Адеми се пријавија за збор пред пратеникот од БЕСА. И второ, кога тој ја пееше химната пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на сите останати им викаа „тишина” за да може надвор да се слуша албанската химна. Затоа сум убеден дека ова беше сценарио – раскажа Мемети.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...