КУЛТУРА НА МОЛКОТ (7)
И ајде сега некој како мене (повторно) нека каже дека во Македонија царува културата на молкот? А што е онаа вторана пачавра-писание кое во рок од неколку месеци се појавува во македонската јавност и на која што се потпишани – ѓаволеста работа – повторно истите персони: од библиотекарон-академик и подрумар, преку колешката му некогашен младински социјалистички активист, па онаа несуденана „прецедателка“, па шал-амбасадорон … И све тако даље и све тако ближе, све кој до којега, и малку понатаму. Ако првиот пат си велевме (цитирајќи го Орданоски) дека навистина во секоја држава ќе најдеш 200 будали да се потпишат на дното на парче хартија на која што некоја двестотиниипрва будала си ги вежба(ла) патриотските чувства, што човек да каже сега, а да не ги навреди истите 200 будали? Ништо! Само ја потврдиле тезата за типично македонската диспропорција помеѓу височината на функцијата/позицијата во општеството и количеството ум во дотичните глави. Само ја потврдиле тезата дека ни првиот пат не бил случајност, дека никој не ги прелажал, дека нивните „патриотски“ чувства се благопријатна почва за раст и развој на секакво ѓубриште. Иако, признавам, некои ми недостасуваат, некои од оние „попростине“, оние кои обично (им) служат како топовско месо. Или, демек, овие се интелектуалците, листата треба да „ја личи“, нема таму место за прост народ кој треба да оди само по митинзи, протести и да упаѓа во Собрание, голорак, и евентуално да им носи вода на пратениците?
Иако човек ќе се запраша: па и оние бившине „капои“ од Драмски некој ги смета за интелектуалци? Или онаа Солза, па Ношпал, па струшкион двоец …? Абе ајде, некој овде како да ги измешал лончињата! И после – никој не сакал, дури ни „Гардијан“, ни „Вашингтон пост“, да им го објави „апелот“? Па како е тоа можно со потпишани тоооолку „интелектуалчишта“? Зарем навистина нашиве идиоти (сѐ уште) мислат дека светот нема критериуми? Или, повторно: цел цивилизиран свет се уротил против нас, односно нив, само ние односно тие ја знаат вистината ама светот не е подготвен да ја пренесе, и чуе? Бреее, мајката, што свет беше ова? А говори за демократија?
Ама, лончињата биле измешани уште на стартот. Зашто, ако денес, во третата деценија на дваесетипрвиот век, еден (демек) толку значаен апел го започнете со она (демек ала комитското) „шчо напраифме …“ од пред стоидваесет години, а го завршите во истиот „востанички“ стил со „та не сме саде ние …“ итн., тогаш некој стварно овде не е арен. И тоа – сериозно! Ако персониве мислат дека за иднината треба да се размислува со глава и говор од пред век и половина, треба бре брате таму и да се вратат. Или некој да ги врати, зашто токму таму припаѓаат. Но, кога проблемот би бил само во почетокот и во крајот. А она – „измеѓу“?
Тоа „измеѓу“ е веројатно уште поголемиот циркус, поради кој што, претпоставувам, никој во нормалниот некомитски свет и не сакал да им го пропагира „апелот“. Зашто, извинете, ниту е апел, ни е гласност, ниту е „загриженост и вознемиреност“ а најмалку е критика на актуелната власт за начинот на разрешувањето на толкугодишниот, да не речам повеќевековниот (измислен) проблем со македонскиот јазик и идентитет ако вие, како (демек) интелектуалец, ги верглате ко „шваба тралала“ истите заговорнички конструкции и (демек) застрашувачки закани по народот и државата од времето на Берлинскиот конгрес, ако потсетувате на илиндените и државите што нѐ признале, ако го констатирате она што веќе илјада пати е констатирано од многумина, дури и попаметни од нас/нив, а не нудите – излез! Која е тогаш функцијата на „отвореното посмо“, или пачаврата, како сакате, што треба да постигне (демек) интелектуалниот апел ако само констатира и преповторува но не нуди решение, не дава контрапредлози или насоки за поуспешно решавање на нештата? И што, на пример, треба да значи она дека од граѓаните „се крие за што, всушност, се преговара“? А за што тоа, всушност, се преговара, ќе нѐ просветли ли некој од таа потпишана збирштина интелектуални пачаври? Или доволно е само така паушално да се преплаши јавноста, да се внесе смут пред престоојниот референдум, а на државата да ѝ се одземе единствената можност да зачекори по некој нормален, цивилизиран европски пат?
И зарем навистина сиот оној врвен меѓународен политички но и интелектуален врв ангажиран во конечната разврска на овој (во основа ступиден) спор така силно се сплотил контра една шака јада – зашто ние, денес, благодарејќи токму на онакви „интелектуалци“ и „патриоти“ сме токму на тоа дереџе – и решил да нѐ брише од идентитетската карта на светот? Па колку имбецилен, колку ситен и преплашен и несигурен во себе и своето постоење треба човек да биде за да се гледа себеси во една таква политичка констелација? И колку глуп треба човек да биде за да не го разбере одамна посоченото единствено излезно решение за оваа земја – барем во овој век и во вакви геополитички односи – па наместо тоа да се бави со тези и теории за политичката топла вода? И сето без ниту збор за тоа како тие предлагаат да се реши проблемот, сега и тука, или нека е утре или во блиска иднина? И уште колку пати треба да им се повтори дека НАТО и ЕУ се достапни само преку Спогодбата со Грција?
Па од такви тврди но и празни глави и дојдовме во оваа безизлезна и безиднинска ситуација. Или така, и такви, треба и да останеме, онакви според рецептот на лудакон од Водно и оној вторион во заносниот им и со наши пари прескапо платен партиски бел кич? Според чиј ако не нивен диктат, според чии и какви интереси треба да се самоосудиме на меѓународна трајна изолација? Или пачавриве имаат рецепт (и) за тоа? Па нека го кажат, или барем нека го навестат. И конечно нека излезат на избори и народот нека ги гласа! Ако им верува, се разбира. Или – нека замолчат, еднаш и засекогаш!!!
Оттука, отворениот и критички ориентиран збор, ако е навистина таков, особено кога се обидува да проговори за круцијални проблеми, мора да нуди и решенија, какви-такви, но не и глувчја дупка во која треба да се напика цела една држава. Зашто, второто писание-пачавра го нуди само тоа и ништо друго. А потписниците се само глувци-повторувачи кои што не научиле ама баш ништо ни од одгласот на првата лекција-пачавра.
(преземено од Теодосиевски уметност)