Повеќе од три часа поранешниот министер за здравство Никола Тодоров сведочеше во судница за крвавиот четврток.
По директното прашување, за кое веќе информиравме, прашања поставуваа адвокатите, обвинетите и судијката.
Како пратеник и од неговото искуство, дали генерално може да објасни како толпа народ може да влезе во Собрание ако вратите се затворени, го праша Тодоров, судијката Добрила Кацарска.
Тој рече дека не може да се влезе ако вратите се затворени, единствен начин да влезе толпа е ако вратите се отворат или пак се скршат.
Судијката го прашуваше и кога по 27 април влегол во Собрание, а тој кажа дека тоа го направил кога поднесувал оставка.
Судијката го праша и како е можно да не се заинтересира дали вратите биле скршени или не, а тој одговори дека може да каже тоа што го посведочиле додека другото го видел на телевизија.
По сведочењето на Тодров во судница денеска треба да сведочат и пратеникот Весел Мемети, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и премиерот Зоран Заев.
Заев е трет на листата за сведоци за денеска.