Разгалено детиште и европски мажоретки

Убијци на слободата од сите страни, надобудни уценувачи – колку сакаш, а „општеството“ се сведе на досадна партиска пропаганда и секојдневни свинштини. Општеството е повторно затекнато, а граѓанинот нема причина ниту поттик да смета дека нештата стануваат негова сопственост, затоашто и тој станал дел од истото лицемерие.

1707

Европа најмногу ја шамараат европејците. Критиките ги делат „како за душа“. Не ја оставаат да здивне и се трудат што повеќе да ја понижат, за да биде што пограѓанска. Се такмичат кој повеќе ќе ја дигне на клоца, оти сфатиле дека фалењето не е за машала. Европа јаде ќотек – сфативме.

Кога сум во Холандија, срам ми е оти сум единствениот на улица, кој е подебел од нормалното. Дедовци, баби, млади, деца… сѐ е на велосипед. Автомобили – едвај. За нив е простачки да возиш кола, ако не мораш. За здравствените осигурувачи, таков, со вишок килограми, сѝ ризичен и нема да те осигураат, ако не ослабиш.
Таму, ако го загадиш „јавниот простор“, добиваш предупредувања, казни, укор, совет. Чувството на „мое“ не се ограничува само на приватната сопственост и банкарски сметки. Тие, за „мое“ го сметаат целиот јавен простор и не даваат никој да го загадува, девастира, да го носи надвор од законот. За нив е законот Библија и Куран – заедно. Комшијата ќе те пријави и ќе ти каже дека те пријавил, па ако сакаш биди му и најдобар пријател. Те пријавува за да те вразуми, да ти помогне да сфатиш дека не сѝ го достигнал полното ниво на патриотизам.

На пример, Амстердам, Брисел, Париз… се полни со нации и тоа не само „бели“. Тоа е за нив во ред. Тие се сопственици на државата, но и на историјата, која им рекла јасно и без ракавици: Да, ние бевме колонијални сили и не бевме нежни со тие староседелци. Бевме и црпевме ресурси, загадувавме, мобилизиравме тамошен народ, за наши идеи и корист. Не можеме сега да се правиме на будали. Наспроти тоа, истите оние држави, како што е Македонија, одбрале да говорат за „чисти“ нации, иако децата им се одселуваат во „нечистите“ нации.

Тие не се инаетат со ништо и со никого. Тие изградиле мошне силни институции, кои сѝ ја работат работата како швајцарски часовник, а граѓаните се сатчии. Тие морале да ги „украдат“ институциите од политичарите и благородниците и да ги направат свои. Понекогаш, тоа „украдам“ значело море крв. Заради тоа и ја ценат крвта, оти ја лееле. Заради тоа критикуваат и одат напред, се борат со егото и ја величаат совесноста, менаџерските способности… Движат, не оставаат недонесена одлука, ја прифаќаат грешката, како нешто нормално. Знаат: Најдобрата одлука е секогаш задоцнета. Нема време за бескрајно премислување. Учи го детето да носи одлуки, оти одлуката е движење.

Револуционери и математичари

Кај нас е друго. Ние сме национално дефокусирани и говориме за патриотизам и крв на предците. Имено, светите правила на пропагандата се: „колку повеќе јуначки песни – помалку пролеена крв“; „Колку повеќе револуционери – помалку математичари“. Црногорците се шампиони во „пролеана крв“, иако пет века била мирна како бајче, за што јасно говорат турските избори. Ние сме тука некаде, ако не и пред нив. Комити, сердари, војводи, дејци, востаници, четници, команданти, бранители, првоборци, востаници, бунтовници, партизани, херои… полна капа. Само по куршум да испукале, Македонија ќе беше покриена со олово.

Но, да сѐ присетиме: Полесно е да расправаш за револуција, отколку за еволуција. Полесно е да правиш поделба на патриоти и издајници, отколку на граѓани и поданици. Полесно е да чуваш место за своето дете на факултет, отколку да градиш научна бесмртност низ наставни курикулуми. Полесно е да делиш брашно и шеќер, отколку да говориш за развој на систем на социјална помош. Полесно е да говориш за минатото, отколку да ја проектираш иднината низ реформи. Погодивте, ние одиме само по линија на помал отпор, а главен непријател ни сѐ стандардите. Не политичарите, ние сме тие кои ја прифативме психопатологијата на ниските вредности, политичарите само тоа го користат. Затоа и нема математичари, туку борци и комити.

Фолклоризација на иднината

Ако сме се бореле, нешто сме избориле! Како тогаш, она што сме го „избориле“ не го чувствуваме како свое? Зошто не реагираме? Зошто толку често, толку упорно и без мерка, уништуваме од „освоеното“? Зошто не ги чуваме „придобивките“. Општото е за подсмев. Јавниот простор за драпање. Природата за загадување и уништување… Не садиме дрвја, туку „го засадуваме во својата иднина“ – да е жива и здрава заработката, „пу, пу, машала“. Зошто сме дефокусирани од битното, од општествените прашања? Зошто граѓанскиот патриот станува политички ѕвер, кога е во „комисија“ или на партиски список?

Веројатно е проблемот за 10 – томна книга. Од психолошки, до колективно – психолошки аспект, од демонстранти и патриоти, политички партии, академии – до универзитети, до Влада и Парламенент. Сите работат на исто: Како да останеме во место. За тоа сме развиле просто неверојатни техники. Актуелно, булуци експерти и пи-ари тупат до сто едно и назад и „советуваат“ до оневозможување на било каква акција. Само караваните од министри им се прифатливо движење, оти ним не смеат да им „најдат мана“. Кој пробал да поработи со кабинетите на функционерите, вели „никогаш повеќе“. Кој пробал да придвижи нешто, поблиску е до бугараскиот пасош – нашата панацеа за универзалното решение.

Убијци на слободата од сите страни, надобудни уценувачи – колку сакаш, а „општеството“ се сведе на досадна партиска пропаганда и секојдневни свинштини. Општеството е повторно затекнато, а граѓанинот нема причина ниту поттик да смета дека нештата стануваат негова сопственост, затоашто и тој станал дел од истото лицемерие. Наместо тоа, општеството пробува да ја фолклоризира иднината, оти ништо друго и не разбира ако не е со залет од словенска антитеза: „Не ми биле судски, не ми биле административни реформи, туку референдум“.
Тоа ти е кога под „општество“ подразбираме влада и институции, под „парламент“ – гласачка машина, а под „култура“ – театар и музеи. Тоа ти е, кога граѓанскиот функционер сонува да стане владин, кога „шарените“ се пронајдоа во сивилото на владата и парламентот, кога острите пера на демократијата станаа пи-ар тупаџии и чувари на чмарот на функционерот.

Дриблање без голови

Шминканата општата бесцелност е прилог во тањирот, во кој главното јадење е во пауер поинт, а причината за седнување на маса е под маса – во коверт. Дриблањето во место ја радува публиката на „Северната трибина“, ама голови нема. Голгетерите се само „потенцијал“ и сенки, а на нивни места играат ниски калкуланти, кои сѝ поднамигнуваат и чекаат публиката да сѝ оди, за да ја продолжат „вистинската игра“ на моќта. Само треба да почекаме европските мажоретки да ги покажат долгите ножиња, со својата досадна перформанса и да одат на туширање, па ќе започне позерската парада на шминкерите, кои ќе ги поздрават гледачите – на заминување, со ветувања од партиската вреќа.

Така ја фолклоризираме европската иднина, поучени од современите политички митови дека „детето“ мораме да го галиме и даруваме до распрдување, за (не дај Боже) да не научи да носи одлуки. Детето сѝ бара. „Стекнатите права“ и навики не можете да ги поништите лесно. Тие влегоа во работната соба заедно со реформаторите, заедно со фолклорот…

Е, тука нѐ чекаат. В година ќе бидеме прашани и за реформите, а што ќе кажеме? Извесно е дека оправдувањето „делевме лифлети и капчиња со Европа за тебе“, нема да биде доволно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...