Средствата за кампања за референдумот се на посебна сметка. Ќе се делат пропорционално спрема пратеничките групи кои се изјаснија „за“ или „против“, нема да има кеш ниту за пратениците, ниту за партиите од предвидените 80 милиони денари, рече Талат Џафери, претседател на Собранието кое е носител на кампањата.
Џафери најави транспаретна и недискриминирачка кампања, со почитување на волјата на секој граѓанин.
-За кампањата „за“ ќе може да се потрошат 59 отсто од сумата, а за кампањата „против“ остануваат 41 посто од предвидените средства – рече Џафери кој уште еднаш објасни дека парите од референдумот кои пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ побара да се пренаменат, ќе бидат вратени во буџетот, затоа што станува збор за наменски средства кои Собранието не може да ги троши за други цели, освен за референдумската кампања.
Пратениците од понеденик ја почнуваат кампањата за референдумот закажан за 30 септември. Денеска се одржува последната седница пред одржување на референдумот.
Џафери објасни дека Собранието има обврска да откупи медиумски простор според одлуката на ДИК во телевизиите и во радијата, кои до 10 август доставиле ценовници.
Медиумскиот план, ќе биде објавен на веб-страницата на Собранието, а за претставување на своите ставови пратениците ќе имаат девет минути во еден час.
– Денес сме овде како координативно тело да ја информираме јавноста дека како овластени носители на кампањата, ќе ја водиме транспарентно, непосредно и директно, без дискриминација, предрасуди и со почитување на волјата на секој граѓанин. Наша цел е детално да ги информираме граѓаните за големата слика, за придобивките од нашето членство во НАТО и ЕУ, кое не подразбира само заштитени граници, заедничка надворешна политика и отворени патишта за нашите граѓани, туку членството подразбира повеќе странски инвестиции, работни места, поголем пазар за пласирање на производи, повеќе можности за образование и напредок на младите генерации, а истовремено и целосно владеење на правото, правната држава, како и реформи во судството и во сите сфери на социјалниот живот – изјави Џафери кој во име на координативно тело ги повика сите учесници на коректна и достојна кампања за да можат граѓаните на 30 септември да ја донесат вистинската одлука.
Во кампањата на Собранието, потсети Џафери, ќе се вклучат 71 пратеник од сите пратенички групи, освен ВМРО-ДПМНЕ која извести дека нема да учествува во кампањата и дека бара средствата да бидат потрошени за други цели.