Вчера во Скопје беше генералниот секретар (вторпат по осум месеци) на НАТО-алијансата за да им помогне, на свој начин, на сите оние кои се колебаат или имаат намера да го бојкотираат претстојниот референдум. Да се „прекршат“ и да го дадат својот (важен) придонес за иднината на Македонија. Тој рече дека постигнатиот договор со соседна Грција е клучниот услов за влез на земјата во НАТО-алијансата и, потоа, во ЕУ. Тој услов стана клучен уште на самитот на НАТО во Букурешт (2008) и, во тој поглед, НАТО-алијансата е категорчна. Исто толку колку што е категоричен и претседателот на РМ Иванов кој „собра сили“ да му каже в лице на Столтенберг дека не го одобрува тој Договор. Тој бил „штетен“ за Македонија. Или, тој бил „капитулантски“ според Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски, шеф на ултра-патриотското ВМРО-ДПМНЕ.
Што значи тоа клучен услов? Услов без кој не се може (conditio sine qua non) на кој толку јасно и, дури, строго укажа генералниот секретар на НАТО-алијансата Столтенберг? Тоа значи, во прв ред, дека странува збор, за еден и единствен (неспоредлив) услов. Ако е еден и единствен, тогаш е бездруго и добар услов како неопходно средство да се постигне целта влез во НАТО и Евроунијата, цел од која не се откажува ни најголемата опозициска партија. Иако, според некои (Кржовски, Трошановски, Кировски) веќе води тивка кампања „од врата на врата“ за бојкот на претстојниот референдум.
Натаму: ако тој клучен и единствен услов е погодно и добро средство да се дојде до целта влез во НАТО-алијансата и ЕУ како перспектива, како добра и пожелна цел за иднината на Македонија, тогаш со полно право може да се рече дека постои полна усогласеност меѓу средството (алатка) и целта (вредност), затоа што целта-вредност ги одредува средствата, а не – оправдува. Ако постои полна усогласеност (таа постои!), тогаш е многу логична формулацијата на рефередумското прашање кое го поврзува постигнатиот договор за промена на уставното име на Македонија со стратегиската цел евроатлански интеграции. Впрочем, кога сите политички партии во РМ би биле против тие интеграции, кога 80 отсто од жителите на Македонија би биле против, а само 20 насто за влез во НАТО-алијансата и ЕУ, тогаш ние воопшто немаше (Фрчкоски) да преговараме со Грција за „болна“ (Заев, Пендаровски) промена на уставното име.
Арно ама, сега Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски вели дека многу ја одобрува целта влез на Македонија во НАТО-алијансата и ЕУ; дека тоа било отсекогаш и секогаш ќе биде политика на ултра-патриотското ВМРО-ДПМНЕ; дека никој не треба да се сомнева (па ни Столтенберг!) во таа света цел на ВМРО-ДПМНЕ. Да, да! Сето тоа го одобрува: јасно, гласно и громогласно. Но не и постигнатиот Договор со Грција. Затоа што тој бил „штетен“ според Иванов и „капитулантски“ според него. Поинаку речено, Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски некако срамежливо, иако упорно и, дури, хистерично, нè уверува во нешто во кое ни самиот не верува.
Како несомнено учен човек (универзитетски професор) тој добро знае (или, барем, би требало да знае) дека секој клучен услов е, истовремено, и добар услов затоа што е, просто, единствен услов. Ако е добар затоа што е единствен, тогаш е и најдобар. Најдобар, затоа што ни нема друг. Уште помалку, подобар од тој услов за да се постигне некоја пожелна цел. Во нашиов случај – целта влаз во НАТО-алијансата и ЕУ. Бидејќи сето тоа многу добро го знае тој Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски, останува да се прашаме: зошто еден толку учен човек како Мицкоски си допушта такво огрешување кон елементарната логика, едно такво огрешување кое може да си го допушти само некој со скромно образование од неговото ултра-патриотско ВМРО-ДПМНЕ кому, згора на тоа, и некоја капитулантска чавка му го испила ултра-патриотскиот ум?
Веројатниот (добар) одговор на таа мала загатка лежи во мојот лапсус кој направи комбинација од водачот на грчката опозиција Киријакос Мицотакис и Христијан Мицкоски. Првиот грми во Атина како громовникот Зевс дека Грција капитулира пред барањето на Скопје кога признала македонски јазик и нација. Вториот трешти како громовникот Перун: Заев капитулирал во преговорите со Ципрас кога прифатил промена на име и на Уставот. Кога двајца зборуваат со ист јазик и, уште, до влакно кажуваат исто, тешко може да ги разликува човек: постои голема веројатност да ги измеша како лончиња.
Сепак, и во тоа има своевидна логика. Ако е логично да се договорат и усогласат двајца премиери (Ципрас и Заев), тогаш исто толку логично е да се договорат и услогласат и двајца опозиционери – Мицотакис и Мицкоски. Освен тоа и нивните партии во опозиција се сестрински. А пак децата на две сестри се први братучеди.