„Мојот мотив е битолските конзули да го зголемат својот опфат и да придонесат во нашиот град и со поддршка на економскиот развој. Тоа ново конзулско лоби мислам дека е реално и остварливо и има и потенцијали, доколку се ангажираат.“
Ова го изјави д-р Марјан Танушевски, долгогодишен новинар, експерт во лобирање и претседател на Научното друштво од Битола, при промоцијата на книгата „Лобирање во културата – конзулска дипломатија во Битола“.
Книгата ја претставува конзулската традиција во Битола и содржи опсежна анализа на тоа што сработиле конзулите во Битола, посебно преку лобирањето.
– Гледано од досегашниот придонес на досегашните конзули, низ истражувањето добив впечаток дека е генерално поврзано со културата, образованието, науката – рече Танушевски.
Токму со лобирање во културата од страна на битолските конзули, во овие повеќе од две децении овозможено е во градот да престојуваат и да се претстават врвни уметници, но и поранешни државници од прв ред, како што се претседателите на Република Турција, Сулејман Демирел и Абдула Ѓул, претседателот на Република Хрватска, Стјепан Месиќ, претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, претседателот на француското Собрание Филип Сеген, претседателот на унгарскиот парламент Ласло Ховер, претседателот на претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, но и бројни министри и амбасадори на државите кои имаат свој почесен конзулат во Битола.
Според Танушевски, интересот за оваа книга созреа во моментот кога почна да се одбележува Европската годината на културно наследство. За авторот особено значајни се одлуките од Берлинскиот повик за акција и за директен придонес во европското културно наследство на сите нивоа.
Ребрендирањето на конзулската традиција во Битола почнува на 25 октомври 1995 година, кога битолчанката Калиопа Кривашија Стилиновиќ е избрана за почесен конзул на Република Франција во овој град. Тогаш се возобновуваат темелите на конзулатите, поставени во 1851 година, кога како прв се акредитира Царскиот конзулат на Австрија, а во 1867 година станува Царски и Кралски конзулат на Австро-Унгарија.
Промотори на книгата беа францускиот почесен конзул во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ и македонскиот дипломат, професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин. Книгата содржи интервјуа со почесните конзули. На промоцијата на книгата присуствуваше скоро целиот конзулски кор од Битола.
„Слободен печат“