Зекири пет часа во судница: Не сум кажал дека толпата влегла оти е револтирана од изборот на Џафери

Еден од адвокатите на одбраната, Еленко Миланов, во изјава за медиумите рече дека Зекири знае многу повеќе од тоа што денеска го кажуваше во судница.

2194

Пратеникот Мухамед Зекири помина пет часа во судницата како сведок за случајот со 27 април. Но, половина од времето беше потрошено на приговори од адвокатите на одбраната и од обвинителите во врска со поставените прашања на спротивната страна.

Највпечатливо во исказот на Зекири беше тоа што тој кажа дека во прес салата од кабината во галеријата каде се наоѓал забележал човек со пиштол кој му паднал па лицето го барало во толпата. Лицето било облечено во црна маица, било со брада и ќелав. Во изјава за медиумите, пратеникот посочи дека мислел на Игор Југ кој е еден од обвинетите во случајот.

Адвокатите од одбраната со нивните прашања се обидоа да дојдат до одговор од Зекири зошто била прес-конференцијата кога се случи упадот во Собрание, а бараа и да му го предочат исказот што тој го дал пред обвинителството во истрагата. Еден од адвокатите, Еленко Миланов во изјава за медиумите рече дека Зекири знае многу повеќе од тоа што денеска го кажуваше во судница.

Прашан дали е вистина дека во обвинителството кажал дека прес-конференцијата била по повод изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и дека толпата влегла бидејќи била револтирана, Зекири во изјава за медиумите рече дека не кажал такво нешто пред обвинителството.

– Не знам дали е тоа адут на одбраната. Јас го кажав тоа што го видов – рече Зекири.

Откако заврши неговото сведочење, судијката Добрила Кацарска даде пауза од еден час, по што треба да сведочи и Петре Шилегов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...