Министерката Рената Дескоска тврди дека нема ниту привилегирање, ниту дискриминирање на кој било друг кандидат при доделувањето стипендии во Министерството за образование откако беше објавено дека ќерката на министерот Никола Димитров добила стипендија од 40.000 долари за студирање во Холандија.
-Тоа може да се види и од списокот на кандидати и од списокот на лицата кои конкурирале. Секој студент којшто ги исполнува строгите критериуми за упис на најдобро рангираните 100 универзитети има право да добие стипендија и не смее да биде дискриминиран, а истото важи и за ќерка на сегашен функционер. За случајот со ќерката на Димитров, законските рокови и условите се целосно испочитувани, затоа што МОН не влијае при упис на кандидатите на странски универзитет, туку доделува стипендија на сите деца кои ги исполнуваат условите без исклучоци, без привилегирање и без дискриминација – изјави за „Макфакс“ Дескоска.
Таа смета дека во целиот случај на доделување на стипендијата никој не ја злоупотребил службената должност.
-Злоупотреба на службена должност постои во два случаи: доколку на некој студент кој не ги исполнува условите му биде доделена стипендија и доколку на некој кој ги исполнува условите не му биде доделена стипендијата. Ниеден од овие два случаи не се присутни при доделувањето на стипендијата на ќерката на Никола Димитров – вели Дескоска.
Таа сугерира дека добро би било јавноста да изврши увид на листата на стипендисти за студирање во странство во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во кое, како што вели, може да се видат многу звучни имиња, но, притоа и да се изврши увид дали при доделувањето на тие стипендии биле исполнети условите што се барале.