Условни казни затвор од 3 месеци добија двајца полицајци за неовластено фотографирање и објавување на фотографијата од ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, во затворот во Идризово, потврдија од кривичниот суд за „Макфакс“. Обвинителството поднесе казнени налози за двајца обвинети.
„Донесена е неправосилна провостепена пресуда со која двајцата обвинети се огласени за виновни за кривичното дело ‘неовластено снимање’ од член 152 ст.2 в.в. ст.1 од КЗ и им се определува алтернативна мерка – условна осуда во траење од 3 месеци затвор, кој нема да се рализира доколку во следните 2 години не сторат друго кривично дело“, велат од судот за „Макфакс“.
На 30 ноември 2017 година првообвинетиот како службено лице што било на стражарска кула го забележал Чавков, па искористил поволен момент и преку прозорското стакло без негова согласност го фотографирал, повредувајќи му ја приватноста.
Според обвинителството, првообвинетиот во приватна порака преку социјалните мрежи им ги испратил фотографиите на тројца колеги, меѓу кои и на второобвинетиот, кој понатаму фотографијата ја проследил на уште двајца полицајци./Макфакс