Њујорк тајмс: Висок претставник од администрацијата со текст за аморално водство на Трамп

Трамп реагираше нарекувајќи ја колумната „вистинска срамота, кукавички текст“.

132
ФОТО: EPA-EFE / MICHAEL REYNOLDS

Висок претставник од американската администрација предупредува на „аморалност“ и на „непромислено“ раководење на претседателот Доналд Трамп во непотпишан текст објавен во Њујорк тајмс.

– Сите што работат со него знаат дека не се држи цврсто до основните начела при донесуавње одлуки…Начинот на водењето на функцијата е непромислен, контрадикторен, ситничарски и неефикасен – нагласува авторот на текстот.

Писателот на текстот кој за себе тврди дека е дел од „отпорот“ кон Трамп, но не и од левица, наведува дека „многумина кои Трамп ги именувал се заколнале дека ќе направат тоа што можат за да ги зачуваат нашите демократски институции, истовремено спречувајќи ги погрешните и залутани импулси на Трамп се додека тој не биде вон власта“.

Весникот го наведува авторот на непотпишаната колумна како „висок претставник во администрацијата на Трамп“.

– Иако беше избран како републиканец, претседателот покажува малку афинитет кон идеалите што долго време се поставени од конзервативците: слободен ум, слободни пазари и слободни луѓе. Во најдобар случај тој се повикува на тие идеали како да се дел од претходно напишано сценарио. Во најлош случај, тој ги напаѓа -, наведува авторот на текстот.

Тој додава дека и соработници на Трамп се свесни за мааните на претседателот и дека се обидуваат „да направат тоа што е исправно дури и кога Доналд Трамп тоа не го сака“.

Трамп реагираше нарекувајќи ја колумната „вистинска срамота, кукавички текст“. Засега не е познато дали Белата куќа ќе преземе чекори да се обиде да дознае кој е автор на текстот во Њујорк тајмс.

ФОТО: EPA-EFEMICHAEL REYNOLDS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...