Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов беше првиот на денешната агенда за средби со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На средбата тие разговарале за актуелната внатреполитичка состојба во Република Македонија, за евроатлантските интеграции на земјата и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите.
Претседателот, соопштија од неговиот кабинет, истакнал дека Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион.
Иванов потенцирал дека земјава во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, додавајќи дека уште во 2008-та година Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови.
– Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор – порача Иванов на средбата со Столтенберг.
Од неговиот кабинет посочуваат дека тој на првиот човек на НАТО му посочил оти сите негови обврски како Врховен командант на вооружените сили во однос на одбраната се завршени и дека АРМ ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите-членки на НАТО како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса во изведувањето на операциите.
„Претседателот Иванов посочи дека го поддржа процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед согласно препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготвена. Имајки ги предвид новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, додаде претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите“, соопштија од неговиот кабинет.
ерес на сите.