„Преображението“ и носталгијата на Трпета

Наведни ја главата и терај си ја работата, па колку даде Господ. Малку, малку, биди задоволен. Трај, не кревај глава. Наведната глава сабја не ја сече“.

889

Мојот стар познаник Трпе е скромен човечец, на педесет и кусур години. Среден раст. Ни слаб ни дебел, со широки рамена и поднаведната става. Цртите на лицето и неговиот поглед зборуваат дека се работи за кроток, припрост и заплашен човек. Памтам кога се роди. Тоа беше негде во средината на шеесетите години на минатиот век. Заврши училиште за ученици во стопанството во еден провинциски град. Потоа дојде во Скопје. Со една од социјалистичките акции за вработување се вработи во скопската железарница. По нејзиното пропаѓање стана стечаец. Но, пропаста на фирмата многу не го исплаши. Трпче се снајде.

– Си имам златен занает, бравар. Ќе си работам приватно, велеше. И продолжи да работи како армирач и лимар.

Мирен, кроток, послушен, си ја турка работичката и си заработува за лепчето, не само за неговото, туку и за жена му Мирка и синот Трајче кој не е вработен. Ќерката ја омажи. И таа се снајде. Со зетчето си извадија бугарски пасоши и како благонадежни Б’лгари киднаа во Џерманија (така Трпе ја вика Германија).

Трпче наш не се разбира многу од политика, но е голем симпатизер на ДПМНЕ-то и, се разбира, „голем патриот мејд ин ВМРО – ДПМНЕ“.

На Ромите од блиската ромска населба гледа со потценување. Ги нарекува Џупци. Малку, малку за нечија лоша постапка ќе рече „џупска работа.“ Албанците ги нарекува Шиптари и „диво племе“.Не ги сака ни луѓето од другите народи и вери. Си ги сака само своите Македонци и мајка Македонија. „Патриот,“ нема што. Патриот а la ДПМНЕ.
Има поданичка животна филозофија. Не е борбен. Негова девизи се: „Трпение спасение“ и „Чути, че помине“, додавајќи при тоа самоутешително „Шо не поминало, па и ова да не помине“. Често го споменува и неговиот дедо кој го подучувал: „Биди мирен внучко, Наведни ја главата и терај си ја работата, па колку даде Господ. Малку, малку, биди задоволен. Трај, не кревај глава. Наведната глава сабја не ја сече“.
Исплашен е. Пред некој ден неговиот лекар утврдил дека простатата му е ненормално зголемена и го упатил на биопсија. Му закажале преглед по четири месеци. Чувствува потреба за разговор. Да си ги кажел маките.

Со тој Трпета седиме под настрешницата во неговата бавча. Пиеме ракиичка, лоза, жолта, „сварена“ од неговото грозје и пожолтена со срцевина од дудинка. Пиеме и мезиме салата направена од тукушто скинатите домати и пиперки од бавчата кои ни се на дофат на раката. Се разбира и разговараме. За што, ако не за политика.

Референдумот се ближи. Разговорите за политиката се секојдневие на нашите Трпевци, Трајчевци, Мирки и Мирковци. Разговорот го отпочна Трпе. Ми постави прашање што мислам за договорот со Грција и за референдумот. Ќе ни биде или нема да не биде? Му одговорив дека договорот е добар, дека треба да излеземе на референдум и дека ќе не биде.

„Е крастајци добар!“, викна Трпе, не дослушувајќи ме. „Сите викат дека че сне го изгубеле дентитето (идентитетот), дека намало појче да има македонски јазик, дека че ја снемало Македонија, нејче сне смееле да вариме ракија“. Издрдоре и други работи што ги слушал од неговите дпмне-овски пајташи и од продпмнеовските телевизии.

– Како бре крастајци!? – подвикнав јас, глумејќи лутина.

– Шо се лутиш море, ебаго – мирно и потплашено рече Трпче.

А јас пак „налутено:“ „Кои бре „сите“, слепец еден!? Твоите вмровци, а? Си го читал ли договорот?

– Не сум го читал, ми одговара и продолжува: „Сите така викат. На телевизија, зар не глеаш. И професори така викат. Некни ја слушнав една Каракомшиева. Ја слушав и една Цанкоска. Порано го слушнав оној босанецон Мувиќ, Мусиќ, така некако. Сите море, сите, Мицкоски. Груески и сите окулу нив. Сите така викат“.

Одвај воздржувајќи се да не се насмејам поради прекрстувањето на уважените професори, му велам: „Море Трпче, остави ги професорите. Остави ги Мицковски и Груја. Земи прочитај го договорот. Ќе видиш дека лажат. Лажат тие твои „сите,“ му подвикнувам.

– Ебаго, не лути се. Кај да го најдам да го прочитам, ебаго. Оти не го објавуват да го прочитаме. Јас се поднасмевнувам „под мустаќ“ заклучувајќи во мислите дека работата со Трпета ќе се сврши на добро, и му валам:

– Објавен е. Го има на веб сајтот на Владата.

– Е, е.е.е.е! ја и веб шајт.

– Веб сајт, го поправам.

– Не се разбирам ја од тие рабоќе продолжи тој. Нека го објава во новини, во Нова Македонија, Вечер, Дневник (Трпе знае само за овие весници и не знае дека Дневник го нема веќе две години). На телевизија нека го читат.

– Ќе го објават. Да се надеваме. Ќе го објават во нив, и во други весници; и на телевизија ќе го читаат, реков јас. Во тој момент се сетив дека во торбичето имам еден примерок од спогодбата кој го понесов да ми се најде при едно од моите интервјуа за една од националните телевизии. Го извадив и му го дадов. Со прстот му го покажав членот еден и му реков заповеднички: Читај! Трпче послушно го прочита.

Потоа му го покажав членот седум и со ист тон му реков да го прочита. Го прочита и изусти како за себе: „Еве, пишува Македонија, македонски, македонски јазик.“ Замолче неколку секунди, па се сврте кон мене и почна гневно да вика: „Море мајката, овие не лажеле! Бре, бре, бре! А.у.у.у.у! Праеле од нас будали, бе брачка. Потоа сочно опсу, споменувајќи ги имињата на Мицкота, Грујота, професорите. Лажој, лажој, лааажој! додаде и пак опцу мајка, шајка и што уште не.

– Смири се, немој да пцуеш, му реков. Не се сите политичари лажговци. Ги има и чесни – во сите партии, па и меѓу твоите ВМРО-вци.

– Како да не карам бе брачка ко глеам дека не лажеле. Праеле од нас будали.
Се смири. Молчеше минута, две и продолжи: „Е, шо доживеавне! Е шо живот живеевне!, Железара, илјадници работници, редовна плата, регрес за годишен одмор. Си одевне на одмор, јас со Мица моја и со децата во Охрид, на море во Будва, Улцињ, Цафтат, Мафтат, заборајф како го викаа. Море, наше море, југословенско, Југославија! Европа, ох!, Каква Европа? Југославија беше Европа. Европа во мало, шо викаа некој. Од Триглав до Џевџелија, возиш никој не те запира. Застануваш, одмараш кај шо сакаш, слободно, не се плашиш од никого и од ништо. Кај ти не беф јас со тристачот мој. Трошеше малку појче, пустиот, ама имаф пари и не се секираф. Тогај и кујчава ја напрајф“, рече и махинално покажа кон убавата, бела двокатница, со големи тераси кои неговата Мица ги окитила со саксии преубаво цвеќе. Сега умирам од работа и не стасува. Глеј какви ми се рацеве“. Ми ги покажа поцрнетите и испукани рачишта, едната голема како моите две.

Е, му велам, во младоста ја имаше Европа во мало, а сега имаш шанса да ја имаш Европа на големо. Ако успее референдумот, вратите на Европа ни се отворени.
Во право си брачка, рече. Потоа се подзамисли па продолжи: „Си имавне златна држава. Ценета. Со углед. Со пасушо црвен, југословенски можевне да патуваме по цел свет, без визи. Не раскараа. Напраеја да не сакаме да се видиме брат со брат. Се сеjчавам. Војска служев во Постојна, Словенија. Техничка работилница. Другарство. Живеевне ко брајча, Македонци, Срби, Словенци, Хрвати….. Православци, Католици, Турци. Никој не глеаше кој е и шо е по народнос и по вера. Мојо најдобар другар беше Шиптар. Албанец, го поправив. Албанец, извини, рече и продолжи: „Делевне добро и зло со него, ко брат со брат. Живејвне убо. Сега живејме ко робје. На одмор не сум бил од 90 година. Во странство не сум бил никош. Војска во Словенија, а после не преврлија на Косово. То е мојето странство“.

– А сега слушај ме, му велам. „Ако влеземе во Европската унија ќе можеш да патуваш слободно низ цела Европа. Како уважен граѓанин на Европската унија, ќе си патуваш слободно кај ќерка ти и зетот во Германија, без да те тормозат по границине и аеродромине, како да си небаре терорист. Стандардот ќе ти се подобри. Ќе живееш поубаво. И ракија ќе можеш да печеш за свои потреби. Власта ќе биде контролирана и нема да не ограбува безмилосно како што не ограбуваа твоите ВМРО-вци. Ќе има повеќе пари. Ќе се прошири пазарот на трудот, ќе има повеќе работа. Зголемената конкуренција ќе си го направи своето. Трудот повеќе ќе се цени, Платите ќе се покачат. Пензиите исто така. Здравството ќе се подобри. Се ќе се подобри по европски стандарди. Нема да чекаш четири месеци за преглед на твојата простата, туку најмногу неколку дена, а можеби истиот ден ќе го добиеш резултатот. Четири месеци, е.е.е.еј! Знаеш што значи тоа. Не дај боже да е нешто лошо, маф ќе ти биде работата.
– Не дај боже, прифати тој. А ти не лути ми се. Ја сум прост чоек. На мене и на сите ко мене вие учените треба да ни ги отворате очите. Кажувајте ни ја вистината, чесно, отворено. Нејчам да не праат будали и слепи при очи. Рече и ме погледна прво во очи со широка и простосрдечна насмевка. Го зеде шишето. Ги дополни чашките и повика:

– Ај да се напијаме уше по една.

– Ајде, прифатив јас. Ајде за твое здравје и за успешен референдум.

– Да живејме и да влезиме во Европа, рече тој чукнувајќи ја својата чашка која едвај се гледаше меѓу неговите огромни прсти во мојата која меѓувреме ја дигнав со десната рака.

– Амин, реков јас.

ПС. Настанов и личностите се измислени. Пораките се реални.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...