Советот за имплементација на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017 – 2022), со која раководеше министерката за правда Рената Дескоска, денеска ја одржа петтата седница, на која презентација одржа судијата Драгомир Јорданов, поранешен директор на бугарската Академија за судии и Јавни обвинители.
Како што соопшти Министерството за правда, говорејќи за клучните наоди и препораки за оценската мисија за обука на судиите Јорданов информирал дека бугарската Академија обучила стотина судии и обвинители во шест генерации и дека единствен критериум при вработување се заслугите.
Укажувајќи на проблемот со бројните факултети по правни науки, а со тоа и на огромната бројка на дипломирани правници, судијата Јорданов смета дека е неопходно планирање на човечките ресурси и секако, заедничка обука на кандидатите, се наведува во соопштението.
Министерката Дескоска, осврнувајќи се на препораките, рече дека се бара начин за трансферирање на истражни судии во Јавното обвинителство на коешто во овој момент му недостасуваат 16 Јавни обвинители, но и за заедничка обука на кандидатите.
Дескоска посочи дека постои уредна евиденција на бројот на правни факултети и при тоа потврди дека во Република Македонија постојат четири правни факулутети кои работат во склоп на државните универзитети, еден кој е дел од јавно-приватен универзитет и уште шест факултети на приватните универзитети.
Претседателот на Врховниот суд на Република Хрватска и ЕУ експерт во Врховниот суд и во Судскиот совет на Македонија, Ѓуро Сеса, е на мислење дека не е неопходно постојано менување на законите и потсети на дел од извештајот на Прибе каде е наведено дека законите кај нас се согласно европските закони. Сеса даде свое видување за работата на Врховниот суд, односно за проблемите со кои се судира највисокиот суд во државава, се посочува во соопштението.
Со појаснување дека ова е негово второ навраќање во Македонија, правниот експерт Холгер Хембах потврди дека во моментов, како ЕУ експерт, е ангажиран околу реформите во Советот на јавни обвинители.