Цензусот виси на опозициски конец?!

Доколку ВМРО-ДПМНЕ не искаже јасен став во пресрет на референдумот и доколку не го повика своето членство да излезе на гласање, бројот на гласови што би ги дале традиционалните гласачи на оваа партија не би изнесувал повеќе од 120.000, а тоа ќе биде премалку за да се постигне потребниот цензус од 903.000 гласови, коментираат експертите.

2509

Ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот Христијан Мицкоски не го повика своето членство да излезе на претстојниот референдум за промена на државното име, голема е веројатноста дека потребниот цензус од 903.000 гласа нема да биде постигнат, а тоа автоматски би значело дека референдумот ќе биде прогласен за неуспешен.

Според политичките аналитичари, доколку опозицијата не искаже јасен став во пресрет на референдумот, бројот на гласови што би ги дале традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ заедно со реформаторите во партијата не би изнесувал повеќе од 30 отсто од вкупното членство, односно не повеќе од 120.000 гласа.

Како што објаснуваат експертите, оваа бројка не е доволна за да се исполни цензусот и покрај најавената висока излезеност на Албанците од кои се очекува да ја надминат бројката од 200.000 гласа, како и од симпатизерите на владејачката СДСМ за кои се проценува дека ќе заокружат околу 450.000 ливчиња.

 

Нема потреба од грижи

 

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека не е толку важно дали ќе биде исполнет цензусот на референдумот, отколку тоа што резултатите од гласањето најмногу ќе послужат за да се изврши политички притисок врз ВМРО-ДПМНЕ.

– Цело ова време се поставува прашањето дали ќе се постигне цензусот за референдумот за името. Искрено, јас не сум многу загрижен на тоа поле, бидејќи не треба да заборавиме дека во Македонија сè уште има по некој неопределен гласач, а има и по некој гласач кој не е Македонец или Албанец. Ние отприлика имаме околу 120.000 гласачи од другите етнички заедници. На крајот на краиштата, не е толку важно дали ќе биде исполнет цензусот или не, бидејќи резултатите од референдумот најмногу ќе послужат за да се изврши политички притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за таа да го ратификува Договорот со Грција и да ги спроведе уставните измени. Тој притисок ќе го има без разлика на тоа дали на референдумот ќе гласаат 700.000 „за“ и 100.000 „против“ или, пак, 700.000 „за“ и 300.000 „против“. Мицкоски сега нема избор. Тој може да се вади на тоа дека немало цензус, но дали тоа ќе значи дека нема да ги почитува оние 700.000 гласачи кои гласале „за“? – вели Арсовски.

Пензионираниот универзитетски професор Лазар Лазаров, пак, смета дека референдумот ќе биде успешен дури и доколку Мицкоски одлучи да ја преспие кампањата и да не го повика членството да излезе на гласање.

– Симпатизерите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ веќе ги прочитаа намеритe на целокупното партиско раководство и тие многу добро знаат дека ова е историска шанса за Македонија и дека не смеат да го бојкотираат референдумот. И не само 30 отсто, туку повеќе од 60 отсто од членството на опозицијата ќе излезе на гласање, а со самото тоа и цензусот ќе биде надминат – коментира Лазаров.

 

 И глас „против“ е глас за Македонија

 

Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, во интервју за „Дојче веле“ објаснува дека бојкотот не е во интерес на опозицијата и на државата, туку на луѓе кои сакаат вината за пролонгирање на евроатлантската иднина да падне врз грбот на партијата.

– Цврсто ве уверувам дека повеќе од 85 отсто од членовите на нашата партија поддржуваат ЕУ и НАТО агенда. Само мал дел, нешто помалку од 10 отсто, се против неа. Но, тоа е резултат на револтот кај луѓето, бидејќи за членство во овие организации ние сме буквално уценети од Грција. Зошто треба да се гласа на референдумот? Затоа што референдумот е проект на ВМРО-ДПМНЕ и политиката на партијата и одлуката за проблемот кој го има Грција со нашето име треба да ја донесат македонските граѓани. Дополнително, за мене тоа е највисока форма на практикување на граѓанскиот суверенитет врз државата. Зошто да се гласа против? Од едноставна причина што нашата партија има јасен став дека не прифаќа промена на Уставот со цел промена на уставното име. Бидејќи овој Договор го менува Уставот, нормално е да се гласа против Договорот, а не против ЕУ и НАТО. И гласот „против“ на овој референдум е глас за Македонија. Зошто не бојкотирам? Затоа што не сакам да ја бојкотирам иднината на моите деца – вели Богојески.

Тој вели дека бојкотот на референдумот е неприфатлива опција и дека тоа не е проект кој е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.

– Имам порака до сите наши сограѓани кои се одлучиле да ја поддржат опцијата за бојкот, а тоа е дека целта ги ограничува, но не ги оправдува средствата. Ако сакаме силна и стабилна Македонија, тогаш мора и средствата да бидат во таа насока. Не е можно преку бојкот на нашата заедничка иднина да направиме напредна Македонија. Политичкиот радикализам не е решение за македонското општество. Немаме корист од размислување за минатото. Треба да се фокусираме на иднината – порачува Богојески.

Преземено од „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...