Агендата за посетата на германската канцеларка Ангела Меркел сѐ уште не е прецизирана, но нејзиното совпаѓање со македонскиот државен празник 8 Септември само по себе зборува за симболиката, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Бошњаковски нагласи дека посетите и на Меркел и на австрискиот канцелар Курц се билатерални.
– Агендата за посетата на Меркел веќе се утврдува и кога ќе биде прецизирана, ќе биде и соопштена – истакна Бошњаковски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.
Тој потврди дека генералниот секретар на НАТО Столтенберг вечерва доаѓа во Скопје и дека е предвидена средба со премиерот Зоран Заев и заедничка прес-конференција, средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и посета на касарната „Илинден“, како и средба со градоначалникот на општина Гази Баба.