Судот го отфрли барањето на адвокатот на Јанкулоска во „Тенк“

97

Со изведување на писмени докази денеска во Кривичниот суд продолжува раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, пренесе МКД.

Aдвокатот од одбраната Боро Тасевски побара изведувањето на материјалните докази да се врши со нивна презентација за разлика од претходно кога се читаа само наслови од листата на докази. Според одбраната, барањето има за цел сите суштински да се запознаат со материјалните докази.

Обвинителот Стефчо Донев од СЈО рече дека ваквиот предлог има за цел само да се одложи постапката, посочувајќи дека одбраната не ја спори содржината на материјалните докази, туку само начинот на презентација.

Претседателката на судечкиот совет, судијката Добрила Кацарска кажа дека Судот веќе има одлучувано по ова барање на претходна постапка, но со оглед дека двајца поротници се нови ќе треба повторно да се произнесе.

Судот по 10-минутна пауза го отфрли предлогот на одбраната како неоснован и се продолжи со изведување на писмени докази.

На претходните постапки беа сослушани повеќе сведоци предложени од обвинителството кои на некој начин биле вклучени во постапката за јавна набавка на блиндираното возило „мерцедес“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...