Поранешни членови на ДИК ќе размислат дали ќе ги вратат службените телефони, лаптопи, сим картички и таблети, бидејќи во нив се складирани податоци за кои стравуваат дека може да бидат злоупотребени. Дел од нив за Плусинфо велат дека се револтирани оти во јавност излегла информацијата дека треба да ги вратат уредите, и тврдат дека од ДИК не добиле допис за да се раздолжат.
Од ДИК велат дека допрва писмено ќе ги известат поранешните членови на Комисијата да се раздолжат, во спротивно ќе ги тужат, бидејќи станува збор за основни средства за работа.
Поранешни членови на највисокиот изборен орган со кои контактираше Плусинфо велат дека биле договорени прво да консултираат експерти дали податоците во телефоните и лаптопите може да бидат злоупотребени за потоа да решат дали да ги вратат во ДИК или да побараат да ги откупат уредите.
– Не ги вративме телефоните и лаптопите оти договорот беше прво да се консултираме со експерти за да не дојде до манипулација и злоупотреба на податоците кои се складирани во нив. Експертите сугерира да ги вратиме лаптопите зашто тие и онака се поврзани со компјутерите во ДИК, додека препорака е телефоните да не ги враќаме. Ќе им предложам да го задржам „ајфонот“ и вредноста на која ќе биде проценет да ми ја одбијат од плата, оти сум на апанажа. Иако не сме добиле допис од ДИК, утре ќе го вратам лаптопот. Таблетите ги вративме веднаш откако поднесовме оставки во ДИК – ни изјави Субхи Јакупи, поранешен член на Комисијата.
Во јавноста веќе излезе информацијата дека поранешниот претседател на ДИК Александар Чичаковски и членот Игор Милев се раздолжиле. Поради ова на Чичаковски му се лутат дел поранешни колеги, бидејќи токму тој им сугерирал да консултираат експерти дали да ги вратат уредите.
Чичаковски не ни одговори на телефонските повици и пораки за револтот на поранешните колеги и дали тој се раздолжил.
Дека не добиле допис од ДИК ни потврди и Силвана Бонева, поранешен член на ДИК.
– По оставката во ДИК веднаш ги донесов телефонот, лаптопот и ајпадот. Ајпадот веднаш го оставив бидејќи не беше користен, но за телефонот и лаптопот договор беше да се консултираме со експерти да ја проценат вредноста – вели Бонева.
Дел поранешни членови на ДИК реагираат дека актуелниот состав на Комисијата не користи приватни телефони и лаптопи, како што изјавиле, туку дека работат на компјутерите во ДИК и оти добиле нови „ајфон 7“ телефони. Тие додаваат дека ниту еден директор, ни министер не вратиле телефони на државата од причини да не се извадат податоците од телефоните и да се злоупотребат.
Тие тврдат и дека во ДИК има неотпакувани лаптопи и десктопи на кои новиот состав на Комисијата може да работи.
Од ДИК велат дека работат на компјутерите во Комисијата, но оти не добиле службени телефони, туку ги користат приватните.