Денес е 5 септември, а вратите на ОУ „Гоце Делчев“ се заклучени. Деца внатре нема! Родителите се оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат околу чување на децата. Градоначалникот Саша Богдановиќ мува не го лази. Не го интересира ниту почеток на школска година ниту обврските на родителите. Тој и неговите неспособни соработници не стигнале на време да ги испланираат и завршат подготовките за старт на учебната година.
Ова го изјави денеска Јована Мирчевска, советник во Советот на Општина Ценар, од ВМРО-ДПМНЕ.
– Скандалозоно е најцентарското училиште да биде затворено од санитарна инспекција на почеток на годината. Во училишната зграда нема врати, додека скелињата се поставени пред неколку дена. Дворот е полн со шут и ѓубре поради изведба на работите а се шпекулира дека се поплавени подрумските простории, просториите каде се приготвува храната за дечињата, а поплавена била и училишната сала – вели Мирчевска.
Таа го обвини Богдановиќ за крајно несериозно и противзаконско однесување.
Мирчевска потсетува дека според член 38 став 6 од Законот за основно образование „Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност со Министерството“.
– Во овој случај немаме ниту природна непогода ниту епидемија. Имаме класично неодговорно и несовесно работење од страна на директoрката и градоначалникот. Богдановиќ е должен да даде одоговори зошто за прв пат во историјата на Центар ова школо не е почнато со работа како сите други низ Македонија. Одговорност мора да има – додаде Мирчевска.
Родителите на децата кои учат во ова училиште на првиот училишен ден беа информирани дека наставата нема да продолжи поради незавршени градежни работи, но дека не се знае до кога ќе биде одложен стартот на учебната година. Родителите реагираат дека ова одлагање ќе создаде нов товар врз децата зашто стравуваат дека ќе треба да се одработат изгубените денови во неколку саботи.