Ситата администрација не им верува на гладните 450.000 сограѓани

Веќе трета година по ред, тапкаат во место измените на законската легислатива кои треба да го олеснат донирањето на вишок храна во Македонија. Нашата држава сака да заработува од донациите за гладните и од тоа сѐ уште не сака да се откаже.

438

Утре, 6-ти септември, од 10 до 19 часот, граѓаните од Скопје и од другите поголеми градови во Македонија, ќе имаат можност да мрднат со прстот и да донираат храна до социјално загрозените граѓани. Идеен творец на оваа хуманитарната акција е Асоцијацијата „Ајде Македонија“, а целта е да се подигне светса на граѓаните за проблемот со недостигот на храна со кој се соочуваат многу наши сограѓани.

– Очекуваме на 6-ти септември, илјадници граѓани да се размрдаат и да им помогнат на многу наши сограѓани кои западнале во непосакувана состојба. Очекуваме масовност и да нахраниме 10.000 граѓани во текот на овој месец – вели Блаже Јосифовски, претседател на „Ајде Македонија“ во разговорот за Плусинфо.

Каква е свеста на Македонците за проблемот со недостиг на храна, а каква за правилно третирање на вишокот храна?

– Останата ни е од нашите предци познатата изрека: „Храна не се фрла!“. Дури, ја користиме онака, да искажеме дека воопшто за тоа не се ни дискутира. За жал, мислам дека нашето општество е доста поделено околу свеста за гладта во земјата. Има дел коишто се многу свесни дека илјадници наши сограѓани гладуваат, но има друг дел коишто не веруваат дека некој може да биде гладен во Македонија, што е изненадувачки за земја којашто е далеку од богата.

Од друга страна, храната е единствениот ресурс кој Македонците, откако веќе не им треба, не го сметаат за отпад, како нешто што повеќе не може да се користи. Напротив, тие што од различни причини се одлучуваат да ја фрлат храната, со тешко срце го прават тоа. Другите Македонци, за разлика од поразвиените земји, познаваат рецепти и други начини за да ја зачуваат. Па, така, дел ја замрзнуваат за повторно користење, други на храната којашто им останала ѝ додаваат други состојки и прават ново јадење, притоа искористувајќи ги паметно вишоците.

Од каде најчесто доаѓа фрлената храна?

– Најголеми вишоци генерираат домаќинствата, па потоа угостителите, големите ланци за исхрана, но и самите производители на храна. Од кој сектор, колку храна се фрла во Македонија немаме бројки, но „Ајде Македонија“ работи во наредниот период да имаме податоци врз база на кои ќе можеме да развиваме политики за намалување на фрлањето храна.

Според Државниот завод за статистика, во Македонија имаат проблем да обезбедат храна 445.099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Овој податок изгледа застрашувачки. Од кога е овој податок и колку е точен?

– Според Државниот завод за статистика на Македонија, 21,5% (445.099 граѓани) од населението во земјата се наоѓа во ризик од сиромаштија, односно дефинирано според „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации“, тие како група се сметаат за осиромашени домаќинства, кои немаат физички и економски пристап до основната потреба – храна. Од друга страна, последната студија на Светска Банка за Македонија од 2014 година беше уште поостра во своите бројки, па излезе со податоци дека според нивните критериуми, секој трет во Македонија живее во сиромаштија. Но, сѐ уште не сакаме да си признаеме каква е состојбата и таа да ни биде почетна точка да се подобруваме. Поубаво е изгледа да се носат розевите очила.

Колку компаниите и бизнисмените покажуваат интерес да се вклучат во спасувањето и донирање храна за социјално загрозените граѓани?

– Од искуството од досегашната работа со компаниите и бизнисмените во Македонија, можам да кажам дека тие се исти како сите нас граѓаните, каква свест имаме ние, имаат и тие, дури би кажал и повисока. Има одличен одѕив на повикот да не ја фрлаат храната, туку да ја донираат. Праксата покажа дека државата е таа што е најбавна и неодговорна во третирање на гладта во Македонија. Веќе трета година по ред, тапкаат во место измените на законската легислатива кои треба да го олеснат донирањето на вишок храна во Македонија. Нашата држава сака да заработува од донациите за гладните и од тоа сѐ уште не сака да се откаже.

Хуманитарната акција за донирање храна, освен во Скопје, ја проширивте низ градовите во Македонија, кои се вашите очекувања?

– Проширувањето низ Македонија дојде по барање на граѓаните, кои сакаат можноста да донираат да ја добијат во нивното населено место. Важна беше поддршката од „Мрдни со прст“ како граѓанска иницијатива којашто обединува граѓански организации коишто сакаат да видат позитивни промени во нашето општество. Очекуваме на 6-ти септември, илјадници граѓани да се размрдаат и да им помогнат на многу наши сограѓани кои западнале во непосакувана состојба. Очекуваме масовност и да нахраниме 10.000 граѓани во текот на овој месец.

Каква храна им се препорачува на граѓаните да донираат?

– На списокот потребни производи кои што може да се донираат на пунктовите се наоѓаат нерасипливи продукти како ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, кокошкина супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на коишто им е потребна, Македонија може да го намали проблемот со гладот и сиромаштијата. Каква организациска платформа е потребна за тоа да се случи?

– Платформата којашто ја предводи „Ајде Македонија“ под називот „Сите сити“ оваа година обедини десеттина организации низ Скопје и успеа да спаси досега 12 тони вишок храна и да ја дистрибуира до граѓаните. Ова проширување на активностите низ Македонија е само следен чекор кон создавање на национален одржлив систем за донирање на вишок храна, кои се надеваме ќе го носи називот „Сите сити“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...