Димитров во Куманово: Најдовме клуч да ја отклучиме вратата во која бевме заклучени со години

108

Насекаде бев во Европа и по средбите сите велат нема поголем дипломатски и политички успех од тоа што успевате да го решите проблемот со Грција и Бугарија на начин што го заштитивме најважното, кои сме, каков јазик зборуваме, си најдовме клуч да ја отклучиме вратата во која бевме заклучени долги години, цела една генерација, рече министерот за надворешни работи пред кумановци на трибината насловена „Излези За европска Македонија“.

Државата, додаде тој, беше заробена и нагласи дека нема попатриотска должност да се острани пречката и да се оттргне тегот што не влече назад, како држава и нација.

– За година и нешто ќе влеземе во НАТО алијансата, Црна Гора влезе лани во јуни, дуплирани и се инвестициите од НАТО државите – рече Димитров.

Треба да се среди државата и да тргнеме напред, порача Димитров, ослободени од страв и немоќ. Во минатото, вели, се обвинувале соседите, Бугарите, Грците, за да се сокрие сопствениот кукавичлук, но, потенцира министерот за надворешни работи, од нас зависи каква ќе биде државата за пет и десет години.

– НАТО значи оваа држава е тука да остане во овие граници. За Македонија значи да не има во овие граници, да не се чудиме дали ќе не биде – рече Димитров.

Со мудра политика идната година, додаде тој, треба да почнат преговорите и ќе има фондови. Тој потсети дека реконструкцијата на канализациската мрежа е извршена со европски пари, делницата кон Миладиновци е изградена со европски средства.

– Ќе има фондови. Ќе има мониторинг како ни оди и ќе мора судовите, обвинителите, Владата да бидат поефикасна – рече Димитров.

Референдумот не се однесува ниту на партии, ниту на Владата, туку се однесува за иднината на државата, истакна Димитров.

Македонци сме и зборуваме македонски јазик и го афримираме во документите на ЕУ, додаде Димитров.

Тој на кумановци им порача дека изборот е едноставен, напред, храбри, исправени и со мисла каква Македонија сакаме или ќе се вратиме назад во чекалната со незивесност дали и кога ќе ја има следната шанса.

Пред кумановци зборуваа и претседателот на општинската организација на СДСМ, Мартин Костовски, пратеничката од редовите на СДСМ, Лидија Тасевска и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кои ги повикаа кумановци да гласаат „За“ на референдумот за европско Куманово, европска Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...