Груевски: Ќе ме апсат во предвечерието на референдумот

Дури се одело до такви размислувања казната да се намали под една година затвор со цел да немам право на жалба пред Врховниот суд, тврди Груевски.

1448
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Од огромната пропаганда во која пропагандната машинерија на власта говореше за наводни големи случаи и докази против мене и моите соработници, каде се споменуваа милиони и милијарди евра се сведоа на предмет, во кој сакаат да ме затворат во предвечерието на референдумот и на решавањето на името со договорот со Грција, на предмет во кој сум обвинет дека сум влијаел да се набави службено возило на МВР во кое, внимавајте, и јас сум сакал да се возам во него, рече Никола Груевски на неговата прес-конференција во Собранието.

Тој обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.

Поранешниот премиер рече дека има сигурни сознанија оти на 30 август дента кога беше одложена седницата во Апелациониот суд за разгледување на жалбата за неговата затворска казна од две години за мерцедесот, в.д.претседателката на Апелација ги повикала еден по еден сите судии од Советот кој треба да одлучува со цел да донесат осудителна одлука против него мене, како и да го прогласат за виновен со цел да биде затворен најбрзо можно.

– Дури се одело до такви размислувања казната да се намали под една година затвор со цел да немам право на жалба пред Врховниот суд. Според овие сознанија планот бил во петокот на 31 август да започне и заврши седницата, а следниот петок на 7 септември да се објави пресудата што можеби и ќе се случи, а можеби и ќе се пролонгира, бидејќи се пролонгираше седницата во петокот. Според истите сознанија, претседателката на Апелација барала од секој судија да потврди дека ќе гласа согласно нејзината сугестија, а ако не може, да се повлече – раскажуваше Груевски.

Тој најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

– Ниту јас, ниту моите адвокати нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси – истакна Груевски.

Ќе дојде време, дополни тој, кога народот ќе си ја врати власта во свои раце и кога ќе се преиспитаат ваквите одлуки.

– Мене не ме суди судот, туку политиката. Се ќе се издржи и ќе помине, но нема да се заборави. Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев – укажа Груевски.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...