Управителот на фирмата: Само ние можевме да учествуваме на тендерот за мерцедесот

1088
Дали тоа што фирмата има сервис за мерцедес кој е единствен овластен во Република Македонија значи дека само вашата фирма можела да учествува на тендерот во кој еден од условите бил продавачот да има и овластен сервис, го праша судијката Добрила Кацарска управителот на фирмата „Макауто Старт“ кој денеска сведочеше за набавката на мерцедесот во случајот во кој обвинета е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Управителот одговори потврдно. Во неговите претходни одговори тој наведе дека фирмата била обврзана да ги сервисира сите возила мерцедес без разлика дали се купени од неа или не. Тој кажа дека мерцедесот кој МВР го купило во 2012 е првото возило кое го продале по пат на јавна набавка додека другите ги продавале со директно договарање.
Сведокот управител го потпишал договорот со МВР, но неколку пати повтори дека тој не учествувал во постапката и оти нема многу информации.
– Нели е чудно вие како управител да немате информации за набавка на вакво возило вредно околу 600.000 евра – го праша судијката Кацарска.
– Директно не сум учествувал и вообичаено не учествувам во такви постапки – рече сведокот.
Сведочеше уште еден вработен во фирмата кој кажа дека само електронски ја потпишал понудата, бидејќи неговиот колега немал електронски потпис. Ниту тој имал, како што кажа, директни контакти со некој од МВР.
Во судница денеска сведочеше и тогашен државен советник во кабинетот на Јанкулоска кој бил и член на Комисијата за јавна набавка. Тој рече дека од Јанкулоска не добивал инструкции како да постапува за оваа набавка. Според него, додека тој работел во МВР неколку пати од одделот за обезбедување сугерирале да се обнови возниот парк со највисока заштита бидејќи актуелниот се почесто се расипува и е крајно потрошен.
– Ако се набави нешто што чини повеќе од половина милион евра може да предизвика штета на угледот на тој што ќе го набави тоа, веројатно од тоа се воделе и претходните министри. Но никој не го предвидуваше нарушувањето на угледот при посета на странски државјанин за кој министерството не е во можност да му пружи потребен степен на заштита – рече советникот на Јанкуловска.
На денешното рочиште можеа да се слушнат и други тврдења исто како и на судскиот процес за мерцедесот против поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.
Така, сведокот советник на Јанкулоска кажа дека во новиот мерцедес се превезувале странски гости како екс генералниот секретар на ООН Бан Ки мун, високите претставници на ЕУ, неколку странски претседатели и неколку членови на Европската комисија.
Сведок денеска беше и вработена во одделението за јавни набавки во МВР која исто така била член во комисијата за набавката на мерцедесот. Таа рече дека колку што е запознаена се било според закон и оти немала никакво влијание од тогашната министерка.
Судијката Добрила Кацарска даде пауза од час и половина, по што ќе следува испрашувањето на уште двајца сведоци.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...