Зоран Ангеловски ќе биде новиот директор на Оперативно техничката агенција (ОТА). Извори од Комисијата за избори и именувања откриваат дека политичките партии во Собранието постигнале консензус Ангеловски да биде избран меѓу 14 кандидати за оваа функција. Се очекува неговото име да биде обелоденето попладен на собраниската комисија.
Премиерот Зоран Заев на денешната трибина во Стопанската комора меѓу другото рече дека со опозициската ВМРО-ДПМНЕ се во непосредни преговори и се усогласиле директорските места на неколку значајни институции како Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија … да бидат пополнети со докажани професионалци, без разлика од која партија доаѓаат.
– Им дадов само задача на пратеничката група бидејќи правеа консултации со мене да изнајдат професионално и експертско решение. Ме информираа дека е најдено решението. Ниту се интересирам, ниту ми треба да знам. Зошто? Затоа тоа е првиот исчекор дека сме научиле нешто од минатото – рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања кој ќе биде директор на ОТА.