Премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека германската кацеларка Ангела Меркел в сабота ќе дојде во Скопје, но посочи дека конечната потврда за посетата, според протоколот, треба да ја соопшти германската Влада.
– Се надевам дека посетата ќе биде на 8 септември, но конечната потврда треба да ја соопшти Германија – рече Заев одговорајќи на новинарско прашање при денешната посета на Радишани.
Портпаролот на германската Влада Штефен Зајберт, како што пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА, денеска најави дека Меркел в сабота ќе дојде во Скопје за, како што наведе, од прва рака да формира впечаток за претстојниот референдум.
– Уште се работи на програмата, но можам да ви кажам дека канцеларката ќе се сретне со премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, изјави Зајберт и додаде дека во фокусот на средбата ќе бидат „регионалните случувања, билатерални теми“, и дека Меркел „секако сака самата на лице место да формира впечаток во пресрет на референдумот за прашањето за името на земјата, кој што ќе се одржи на крајот од месецот“.