Како што е познато, денеска во светот постојат 193 земји, членки на Обединетите Нации, и уште 30-40 – меѓу кои Тајван, Ватикан, Косово, Палестина и разно-разни острови и други територии кои за себе тврдат дека се одредени ентитети со некаков државен суверенитет – кои тоа не се. Толку. А се зборуваат – според чичко Гугл – над 6.900 јазици коишто, дури и ако ги преполовите заради меѓусебните блискости и крос-референтности, даваат бројка од некои 3.500 дистинктивни етнички групи, дефинирани според јазиците што ги говорат.
Зборот ми е, илјадници етницитети немаат свои суверени државни творби, како и да се дефинирале тие општествени организации низ историјата на светот. Некои ги имале, па ги загубиле, други со векови се борат да ги стекнат, а никако, ни денес, да дојдат до тоа. И сето тоа како резултат на одлуки и околности коишто го менувале текот на поединечните државни судбини. Што би рекла познатата историчарка Латинка Перовиќ, цивилизираната историја би можела да се интерпретира и како „гробница на држави“, еден долг список од пропаднати империи, кралства, кнежевства и редефинирани државни целини.
Неколку последни генерации етнички Македонци ја имаат таа историска среќа да имаат (заедно со своите бројни сограѓани од другите етнички групи) СВОЈА држава. Да повторам, современа суверена држава меѓу само 193 други членки на ООН. … (Молам за мала пауза за, на мир, уште еднаш да го дигестирате овој, навидум, лаконски податок.) … Всушност, со извесна поетска слобода, би можело да се тврди дека само 193 нации денеска успеале да го стигнат недофатливиот извор на државното „виножито“ кое за илјадници други продолжува да биде неостварена мечта. Македонците се една од тие и на тој начин остварени нации.
Ми се чини непотребно овде, на долго и широко, да се прераскажува македонската историја и да се набројуваат сите пропаднати империи и кралства на овие простори, сите наши неуспешни востанија, но и Берлински, Версајски, Париски, Букурешки и којзнае уште колку поголеми и помали конгреси, конференции и договори на кои сме биле третирани и „мезени“ низ дебатните ходници и кулоари, додека други седеле на главните маси и решавале за судбините на нашите предци.
Оваа генерација македонски граѓани ја има таа неверојатна историска околност пред себе самите да решат, без потреба од капка крв да се пролее (што, во историска смисла, е реткост рамна на постоењето на седумте светски чуда!), дали сака да седи на главните маси каде што се крои судбината на, во геополитички контекст, најпрестижниот континент на светот, Европа. Македонија ќе може самата да реши, на референдум, дали сака да се приклучи, како рамноправен член, на двата светски – во овој момент – најпрестижни политички, безбедносни и економски блокови, Европската Унија и НАТО; или, во спротивно, да влезе во нов вител на предвидливи и непредвидливи општествено-политички собитија коишто можат да ја оддалечат, наместо од самиот извор на виножитото, до подеднакво недофатливото место каде што секоја вечер заоѓа сонцето.
Што мислите, во таква понуда за избор на сопствената судбина, каков ќе биде одговорот на огромното мнозинство граѓани на оваа држава, една од само 193-те членки на ООН, на закажаниот септемвриски референдум? Јас за таа одлука не гледам голема неизвесност.
И да не мисли некој дека тоа големо мнозинство граѓани ќе ги избере боите на виножитото наместо темнината што доаѓа по залезот на сонцето затоа што евентуално го сака Заев, евентуално не го сака Груевски или затоа што, на пример, ми верува или не ме сака мене, или затоа што ќе се потрошат некакви стотици илјади евра за кампања и слични анегдотални будалаштини за случувањата во опозицијата, меѓу оние на власт или на планетата Марс?! Непотребни се анкети за да се претпостави дека вкупната рационалност на македонските граѓани е секако многу поголема од поединечните фрустрации, интереси и ситни злоби на некои од нас, ефемерните поединци во минливоста на политиката.
Плимата на зацврстувањето на македонската држава доаѓа – како историски гео-политички факт, а не како некакво романтичарско сценарио – и нема канти и кофи, купени или подметнати од кого било, со кои ќе може да се пресуши дигањето на тој национален „водостој“. Со доаѓањето на плимата ќе потонат само оние дневнополитички „чамци“ кои се цврсто врзани за дното на историјата.
Извор:Цивилмедиа