Човекот кој многу знаеше, а малку зборуваше

Последно словo: Tоме Буклески 1921-2018

3354

Последниот, 97-ми роденден му го прославивме во кафеаната најблиска до неговиот скопски дом. Снеможуваше. Тогаш ни кажа дека мајка му живеела 107 години и добродушно ни се насмеа кога му посакавме да ја надмине. Чекаше, просто пекаше да дојде летото, кое редовно го минуваше во Охрид, тука веднаш до Сараиште, градот кој многу, најмногу го сакаше, по кого се идентификуваше.

Пред тоа, со години на ред, Маќули беше на чело на нашиот дебатен клуб: во Скопје секоја сабота во ,,Уранија”, па во ,,Томче Софка”, а во Охрид секој ден, точно напладне – под муренката.

Годинава јас задоцнив на охридските сесии. Веднаш по пристигнувањето ми кажаа дека Маќули не е баш најдобро, дека бил кусо и во болница.  Му телефонирав, а тој: стигна ли најпосле, ај дојди утре во кафеанчето кај Сараиште… Нашиот ,,дебатен клуб” веќе беше десеткуван: прв не напушти Боро Денков, а точно пред 40 дека и Милан Ѓурчинов. Но, Маќули не се откажуваше од своите прашања и анализи. Во средиштето на вниманието му беше судбината на Македонија. Сите бевме горди и почестени во негово друштво.

Знаеше многу, многу. Животот го беше научил. Ама малку зборуваше – исто така поука од животот. Беше исправен мудрец: никому не му подвикнуваше, но никому не му премолчуваше, онака – кратко- јасно. Беше синоним на чесност и мудрост. Во највистинската смисла на зборот. Севезден читаше, книги што му го привлекуваа вниманието, за кои подоцна се дебатираше. Имаше и дарба за пишување, самиот беше свесен за тоа како што беше свесен дека другите работи добиле приоритет во неговиот живот, Во една прилика, тукуречи срамежливо ми ја подари неговата книга за деновите во Тиранскиот затвор и враќањето во родното Кичево.

Ви велам: беше во тек со се што се случува во Македонија и околу Македонија. Не можеше да изоди толку, ама од срце навиваше за шарената револуција. И фотографијата што ја приложувам е од големиот мајски протестен митинг на Шарената револуција, пред зградата на Владата. Направена е во ладовината кај кафената ,,Кај Маршалот”. Оттука личи да појдеме заедно, рече низ смеа.

Без него, без Ѓурчинов и Денков нашиот ,,дебатен клуб” веќе нема смисла, се распадна самиот од себе.

Маќули си замина од неговиот Охрид. Со мисла и голема желба за стабилен развој и светла иднина на нeговата, на нашата Македонија.

Остануваат сеќавања, сеќавања…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...