Кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски ПР советници. Кој ми го дал мене тоа право? Моментот кога одбрав да влезам во политиката, свесно одбрав да бидам слуга на тој мој народ и тоа ќе продолжам да бидам.
Со овие зборови им се обрати денеска лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ на кичевци.
ВМРО- ДПМНЕ денеска го одржа својот четврти протестен марш, против референдумот што ќе се одржи на 30. септември. Протестниот марш започна од пред железничката станица и заврши на градскиот плоштад, каде имаше обраќање лидерот на партијата.
Мицкоски рече дека пред да одлучи секој од нас кој пат ќе го избере, пред да ја донесе таа одлука, потребно е да знае дека пред нас претстои исклучително тежок период.
Според него, не може за национално прашање политички елити да одлучуваат.
-Ова не се партиски надитрувања, иако знам дека на СДСМ позициите во партијата им се над се, на нас Македонците и нацијата ни е се и над се . Нема партиите да одлучат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука ќе биде конечна за сите партии и за сите политичари. И сите заедно ќе излеземе дента после тоа пред нацијата и ќе се поклониме каква и да биде таа одлука. Народот ќе одлучи”, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Ако не извлечеме поука од историјата која веќе еднаш се случува како трагедија, тогаш нејзината реприза е фарса, а ќе се согласите дека македонскиот народ поминал низ многу историски премрежја од кои ние како народ и држава треба да излеземе посилни, помудри, но и поискусни. Денес, овде стојам пред вас од преубавото Кичево и можам да заклучам дека Македонија е на голем крстопат, а повеќето патишта за жал се погрешни, некои водат кон слепа улица, а некои за жал во провалија. Од нас зависи каков пат ќе избереме и немаме многу можности во нашиот избор, само еден и единствен е вистинскиот пат, патот кој што води до нашата легитимна цел, а тоа е Република Македонија -порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски на протестниот марш кој се одржа во Кичево.