Претстојниот референдум и позициите на партиите во однос на ова прашање беа тема на разговорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерите на политичките партии кои се дел од Коалицијата „За подобра Македонија“.
Како што соопштија од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, во разговорите доминирал ставот дека договорот потпишан во Нивици со соседна Република Грција е капитулантски чин и предизвикува долгорочна штета по повеќе основи.
„Со него се менува името на Република Македонија, Уставот, националниот идентитет, традицијата, историјата и културата. Со капитулантскиот договор на Заев не само што се брише македонскиот јазик и се откажува од Македонците надвор од границите на државата, Заев се откажува и од Македонците во границите на Република Македонија“, стои во соопштението.
Мицкоски информирал дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со активностите на терен со цел да го слушне гласот и волјата на членовите, активистите и граѓаните врз основа на која ВМРО-ДПМНЕ ќе го донесе конечниот став по однос на референдумот.