Власта да биде поблиска до граѓаните и да ги чуе секојдневните потреби и проблеми на граѓаните, требаше да овозможат денешните средби на владини министри и функционери од ДУИ со граѓаните во општина Чаир.
– Некогаш сметаме дека Владата е само за големи прашања и бројки, а на граѓаните им се важни секојдневните мали прашања и проблеми кои им тежат ним и на нивните семејства. Ако ги чуеме од нив ќе може да им помогнеме полесно да се соочат со секојдневните проблеми што ги носи животот – рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.
Ова, појасни тој, не е дел од кампањата за ререфендумот и случајно се погоди да биде сега.
– Почнавме пред два месеца со Липково и Дебар во јули, паузиравме во август поради одморите и еве сега сме во Чаир. Ние и после 30 септември до крајот на мандатот ќе имаме вакви редовни соочувања за да ги чуеме граѓаните – рече Османи.
Апелираше сите граѓани кои се во можност да доаѓаат на ваквите средби и да комуницираат со министрите и вршителите на јавни функции за да можат да се најдат решенија за нивните проблеми.