Тригодишното улично куче Изи, вдомено во Скопје, прво доби бесплатен микрочип, со што и официјално почна кампањата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за идентификација и регистрација на домашните миленици.
Микрочипот на Изи денеска му го аплицираше директорот на АХВ Зоран Атанасов, кој воедно е и ветеринарен лекар.
Во Универзитетската ветеринарна болница при Факултетот за ветеринарна медицина постапката на микрочипирање ја следеа и претседателот на Ветеринарната комора на Република Македонија Томислав Николовски, како и универзитетскиот професор по ветеринарна медицина Пламен Тројачанец.
Тројачанец објасни дека микрочипирањето е безболно, а се аплицира во пределот меѓу плешките.
– Микрочипот не е разградлив, но не е ниту од материјал што на каков било начин може да го изиритира организмот на животните. Преку него практично се обезбедуваат основните податоци на миленикот и се овозможува негово следење. Ако случајно се изгуби, неговиот сопственик може веднаш да се лоцира – објасни професорот.
Директорот Атанасов потсети дека се склучени договори со речиси сите ветеринарни друштва во Македонија, вкупно 135, за да можат сопствениците на миленици сами да одберат каде ќе однесат своето маче или куче.
– Кампањата ќе трае до 31 март идната година, додека не се потрошат набавените 100.000 микрочипови, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“- рече Атанасов.
Истакнувајќи го значењето од идентификување на милениците, претседателот на Ветеринарната комора Николовски апелира на одговорно сопствеништво.
По Изи, во Ветеринарната болница микрочипови добија уште две расни кучиња, златниот ретривер Арон и женката „бигл“ Ајви. Ред чекаа уште неколку, а нивните сопственици ја поздравија и поддржаа кампањата на АХВ.