Спортувате ли англиски?

Според тукашната традиција , велат англичаните, рагби е насилнички спорт кој го играат џентлмени, а фудбалот е џентлменски спорт кој го играат насилници.

672

Се повлекол од спортот некојси Џинобили. Малечко вестче, некаде на дното на тукашните спортски вести. Аха, добро, одиме понатаму. Да видам дали Арсеналовци купиле некој што ќе ни ја врати вербата во победи од времето на Тјери Анри, Бергкамп, Ван Перси и остала дружина, кога одевме на стадион горди и навивавме, а не сега само од време на време и ги следиме натпреварите, небаре сме на Мајски оперски вечери . Исто толку гласни, слично облечени и исто така штракаме со мобилните…

Значи, одам понатаму читајќи спортски вести, се разбира откако исчитав сѐ претходно (не почнувам од назад, од спортот), ама ме јаде јанѕа дека не го знам тој Џинобили, па гуглам и дознавам дека: Мано Џинобили, четирикратни НБА шампион, бил член на Сан Антонио Спурс, и заедно со соиграчите Тим Паркер и Тони Данкан, бил познат како еден од Големата тројка. Значи, кошаркар пар екселанс. Ах, а едно време ги знаев и домашните и странските кошаркари и станував ноќе да гледам НБА, ама друга земја, други спортови и работа и обврски… Е сега, во право се (донекаде) оние кои ќе кажат дека во денешно време на интернет може да се следи сѐ, ама не се доследува, па со тек на време останувате на милост и немилост на она што е најпопуларно и најдостапно во земјата во која живеете, и после Мано ви е крив што не го знаете.

И така, го имаме крикетот. И рагбито. И тенисот . И фудбалот. И хокејот на трева. И нетбол – чуден спорт, нешто како кошарка но кога ја добиваш топката, не смееш да се движиш, туку мора да стоиш во место додека не додадеш. О кеј, и атлетика и бокс и боречки вештини и пливање и веслање и гимнастика, тука спортот се обожува, ама само нивниот, и затоа зборувам главно за она што го пренесуваат на телевизија и го коментираат и се обложуваат. И, да не заборавам, дартс, односно пикадо. Или микадо? Да не беа тоа кекси? Сепак Пикадо. Она со тркалезна табла од плута со жолто дрвени концентрични кругови, без кои не може да се замисли ниту еден англиски паб, а сега е издигнато на спортска дисциплина, се одржуваат натпревари, а како тргнало, не би ме изненадило и олимписка дисциплина да го прогласат.

Соработка во сите за медали

Но важно, на спортот се посветува многу време, многу средства и пари. Моментално во Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска има над 150.000 спортски клубови со во просек по 150 членови секој. Најважната организација е ЈУКЕЈ Спорт, која се финансира од Националната лотарија и од владата и одговорна е пред Министерството за култура, медиуми и спорт. Идејата парите од Лотарија да одат за спортот и тоа да се организира беше на Џон Мејџор, кога беше премиер на земјата и многумина велат дека тоа било најдоброто нешто што тој го сторил, зашто неколку години потоа почнаа да доаѓаат резултати, за земјата да освојува медали на меѓународни натпревари. Организацијата ЈУКЕЈ Спорт работи во партнерство и соработува со сите , ама буквално со сите национални тела во спортот во кои инвестира владата, во науката, медицината, технологијата, со Англискиот институт за спорт, Британската олимписка асоцијација, Британската параолимписка асоцијација , Здружението на тренери, Британската атлетска комисија, Здружението на спортски судии и Комисијата за судски спорови.

ЈУКЕЈ Спорт го финансира секој оној спортист за кој се смета дека има веродостојна шанса за освојување медал во текот на следните две Олимписки или Параолимписки игри. Овој процес се фокусира на идентификување и оценување на атлети кои имаат талент и потенцијал за во иднина да освојуваат медали на следните летни или зимски Олимписки или Параолимписки спортски програми. Значи, како што велат, нивната мисија е да се обезбеди „вистинска поддршка за вистински спортисти за вистински причини“.

Исто така се финансираат и талентирани ученици и студенти. Се помагаат хуманитарни настани, трки, донации на групи и поединци во спортски цели. Работите тргнаа толку добро што Британија, која не е скијачка нација, и да барате планина треба до Шкотска да патувате, на последните олимписки игри во Пјонгчанг, освои пет медали, еден златен и четири бронзи.

Сплескана топка за џентлмени

Но, да се вратиме на другите тукашни популарни спортови. Крикет, на пример. Многу е популарен. Ама мислам дека со боринче да барате некој Македонец тука од повозрасната и средната генерација да ви објасни нешто за крикетот, нема да најдете. Зошто натпреварите се викаат тест , кој кого тестира, зошто се играат цел ден и пак нема победник, па се играат со денови и на крајот кој има повеќе поени – победил, зошто судиите се облечени како месари…За рагбито е нешто поразлично, полесно се разбира и од време на време одиме на рагби. Според тукашната традиција , велат англичаните, рагби е насилнички спорт кој го играат џентлмени, а фудбалот е џентлменски спорт кој го играат насилници, ама тие си знаат, а знаат и оние чии што деца станаа рагбисти, па пред три недели бевме на натпревар на кој низ прсти на рацете гледав како петнаесетгодишниот Иван со сплескана топка во рацете го налегнуваат и сплескуваат четворица џентлмени.

И конечно, пак за кошарката, зашто онаа јанѕата од почетокот со тој Ману некако не ми дава мир. Не дека нема клубови, имаше и има, ама некако слабо (им) оди. Кога дојдовме во Лондон, желни за кошарка, откривме дека на Вембли (не на стадионот, туку во спортската сала до стадионот) ќе се игра турнир меѓу Црвена Звезда, Макаби, Лондон Тауерс и АЕК Атина. Радосни,купивме билети, правец таму да гледаме кошарка и да навиваме, играа Лондон Тауерс со трета постава на Србите. И навивавме, не дека не навивавме, Од што беше јака кошарката, ние четворицата, македонско-српска комбинација, се развикавме на цел глас „Ра-бот-нич-ки, Ра-бот-нич-ки“…никому ништо не му беше јасно, ама барем ние одлично се забавувавме.

Како што минуваше времето, си рековме, ајде да им дадеме пак шанса на англичаните, можеби тренирале и поднаучиле нешто? Тие и Денис Родман го донесоа тука да го крене профилот на кошарката на островот. Па отидовме неколкупати на неколку натпревари. Ама освен најблиските роднини на играчите и ние, немаше многу луѓе во публика. А и Родман не беше многу успешен, па или го отпуштија или крена раце и ене го во Северна Кореја , го советува Ким Јонг Ун за нешто. За фризура? За тетоважа? За рампа?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...