Темниот ендек што мириса на буниште

Најстрашното е тоа што и мракот и лизгавата кал и влажниот мирис на буниште, сите амбиентални константи на Македоња Вечна, тие успеаја да им ги направат нормални на мнозинството од своите жртви, да ги вградат длабоко во законите и животната пракса.

956
grcev

Во еден свој дамнешен интервју, Ноам Чомски, зборувајќи за единствената рационална метода според која работат сите науки, го прераскажа стариот виц за пијаницата што среде ноќ тетерави околу бандера со улична светилка на неа. Се наведнува и гледа надолу во земјата, паѓа, лази наваму-натаму, се крева потпрен на бандерата и пак упорно се загледува надолу. Проаѓаат задоцнети минувачи, го здогледуваат пијаниот како се мачи барајќи нешто залудно на земјата под него, застануваат и го прашуваат: „Што бараш толку очајно?“ А, тој им одговара: „Си го барам пенкалото што ми падна од џебот, мно-о-гу ми е важно – тоа е сѐ што ми остана од татка ми!“ Добронамерните минувачи решаваат да му помогнат на несреќникот, па го прашуваат: „Па, добро, покажи ни каде се сеќаваш дека ти испадна?“ А, овој одговара: „Е, паа, ми се загуби таму во ендекон, од другата страна на улицата“. Минувачите се вчудовидуваат: „Добро, бе, чоек: со кој ум тогаш ја бараш тука, под бандерава?!“ А, тој: „Како ќе барам во црна темница – тука барем има светло.“

Тоа е начинот на кој работат науките, коментира Чомски: проблемот што сакате да го решите е можеби карши улица, но вие можете да работите таму каде што има светло. Ако се обидувате да го поместите светлото во вистинската насока, малку по малку, можеби на крајот ќе стасате и до спротивната страна на улицата, кајшто се наоѓа решението на вашиот проблем.

Маќедоња Вечна

Низ пијаното бладање од вицов проговори наједноставната но величествено мудра метода што веќе четири века ги движи науките и човечката мисла нанапред. Тоа е каменот на мудроста за сечиј џеб и магичното упатство за решавањето на секој проблем под капата небеска: разумот работи таму каде што има светло, а не талка по темни долови. Се разбира, доколку ситуацијата од вицот се сфати буквално и се устојува во малоумното повторување на неуспешните обиди на погрешен начин и на погрешно место да ги решавате вашите проблеми, единствениот резултат ќе биде создавањето на уште повеќе нови проблеми.

Така, се сеќавам, во седумдесеттите години, кога безмалку сите во градов заимавме автомобили, поради несовршеното масовно производство на евтини возила, особено кога ќе фатат зимските мразови, првиот звук што ќе ве разбудеше сабајле беше упорното и раздразнувачко „верглање“ на автомобилските мотори што нејќеа да запалат. Не беше редок случајот изнервираните татковци што веќе доцнеа на работа, да паднат во тап инает и да го стискаат клучот од колата „на палење“ додека да го потрошат акумулаторот, и, се разбира, од еден проблем да создадат два. За нас, што под јорган се нервиравме поради бучавата – а особено раздразнувачка беше глупата упорност на актерите – секојдневната зимска трагедија најчесто завршуваше со среќен крај: со звук на бесно трескање со вратата на мртвото возило и потем – рајска тишина.

Вие веќе погодувате, почитувани читатели, дека од каде и да ја почнам приказнава, неминовно ќе ја донесам до истиот темен, стрм и каллив ендек, далеку од светлината, во кој ВМРО-ДПМНЕ и нивните придружни орди на патриоти и тврдокорни домољуби, ја држат повеќе од деценија Македонија и сите нас со неа. Во темен ендек од слеп пат што води во спротивна насока од Европа. А најстрашното е тоа што и мракот и лизгавата кал и влажниот мирис на буниште, сите амбиентални константи на Македоња Вечна, тие успеаја да им ги направат нормални на мнозинството од своите жртви, да ги вградат длабоко во законите и животната пракса, така што и денес, година дена по нивното паѓање од власт, татковината не може да се ослободи од наплавините од пререгулираната фашизоидна вмровска држава, од задушувачкиот мирис на буниште што тлее и шири реа до небото.

Кафкијански замок

Ќе ви ја сликувам оваа реа на „длабоката вмровска држава“ на еден, малку езотеричен, но елементарен пример – на правната заштита на сопственоста, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, токму со тие зборови врежана в камен, во членот 8 став 1 алинеа 6 од Уставот. Оваа темелна вредност на нашата либерално-капиталистичка и парламентарна демократија е разработена во системскиот Закон за сопственоста и другите стварни права, што се донесува во Собранието со двотретинско мнозинство. Таму, во членот 112, пишува како се стекнува правото на сопственост, и тоа се случува генерално на четири начина: врз основа на правна работа, според закон, со наследување и со одлука на надлежен државен орган. Онаа „правна работа“ значи – со купување, а она „според закон“ значи – со создавање односно со градење, и да не го објаснуваме очигледното.

И? Што е тука спорно, ќе прашате веќе нестрпливо. Спорно е она што пишува во Законот за катастар на недвижности, во членот 137 – цитирам: „Со запишувањето во катастарот на недвижности се стекнува правото на сопственост (…)“!!!. Уште не ја забележувате трагата од ѓаволската чепунка на чудовишната тоталитарна држава, што тлее, чади и смрди од длабочините на македонското законодавство? Во членот 137 не се руши само уставниот поредок од темели, туку се множи со нула целата стварност, реалниот живот, имотот и правата на луѓето. Тоа дека дури „со запишувањето во катастарот“ луѓето се стекнуваат со сопственост, а не со стварните дела и животи, градења, премрежиња, судбини и наследства… токму со тоа длабоко насилство секоја тоталитарна држава ги претвора своите жители во поданици, во пасивни ништожници.

А, тие – всушност, а ние! – ниту да забележиме дека нашите животи и судбини станаа зависни само од државниот печат и од бескрајните процедури на кафкијанскиот замок. Со членот 137 како да се тврди дека човекот не се родил кога мајка го родила, та не живее ниту постои во стварноста, додека не биде запишан во матичната книга на родените. Е, референдумското „за“ не е за друго, почитувани читатели, туку токму за осветлениот пат што води подалеку од членот 137 и од темниот ендек што мириса на буниште.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...