ДУИ ја усвои политичката платформа за референдумот

Партијата, се додава во соопштението, ќе дејствува во согласност со огромното мнозинство на Албанците и другите граѓани во кампањата „ЗА“

80

Централниот одбор на ДУИ синоќа во Скопје ја усвои политичка платформа за референдумот со цел интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија.

Од ДУИ посочуваат дека на 30 септември, постојат само две опции, едната е за европска Македонија, додека другата е против.

„Без двоумења и со неспоредлива посветеност, Демократската унија за интеграција со сите свои капацитети, ќе се ангажира за успехот на референдумот и победа на прогресивните сили во земјава“, се наведува во соопштението од партијата.

Од ДУИ ја истакнуваат неопходноста од реформите, владеењето на правото и еднаквоста на законот, како и потребата за транспарентност и апсолутно независно судство како предуслов за евроатланската интеграција.

Партијата, се додава во соопштението, ќе дејствува во согласност со огромното мнозинство на Албанците и другите граѓани во кампањата „ЗА“ и ќе соработува со политичките партии, организациите на цивилното општество, академската заедница, создавачите на јавното мислење, интересните групи и медиумите во кампањата за Европа и за НАТО.

„Ја повикуваме албанската и македонската опозиција да се приклучи на заедничкиот успех, бидејќи од постројувањето на нашата земја во Брисел придобивка има државата и граѓаните, придобивка има и опозицијата. Исто така, ги повикуваме тие што сѐ уште се двоумат и ги калкулираат нивните позиции за дневно политички потреби, да се надминат себеси и да застанат заедно со прогресивните сили во земјата“, се наведува во соопштението.

ДУИ апелира и до дијаспората како носител на процесите за промени во земјата да дојде во Македонија на 30 септември и да го подржи референдумот за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...