Мицотакис: Договорот на соседите им отстапува македонски јазик и идентитет

Господинот Заев, самиот, е првиот кој го демантира господинот Коѕијас, а господинот Димитров вели, нас ни вели, „Македонец сум и говорам македонски јазик“, вели во изјавата Мицотакис.

429
ФОТО: EPA / SIMELA PANTZARTZI

Ставовите дека Договорот од Преспа „на соседите им отстапува македонски јазик и македонски идентитет“, но и дека Нова демократија нема да го ратификува ниту во овој ниту во следниот парламент уште еднаш ги повтори лидерот на најголемата грчка опозициска партија Кирјакос Мицотакис, говорејќи на настан организиран од подмладокот на Нова демократија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис рече дека до договорот се стигнало во тајност, „во отсуство на народот, во отсуство на парламентот, во отсуство на опозициските партии“ и веќе носи негативни резултати за Грција.

– Договор кој искривувајќи ја 27-годишната националната линија на нашите соседи им отстапува македонски јазик и македонски идентитет. Тоа е договор кој секако Нова демократија нема шанси да го ратификува ниту во овој ниту во следниот парламент. Постапките на владата се национално опасни. Веќе веднаш произведоа негативни резултати – рече Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија, индиректно ја обвини грчката влада дека не реагира и не одговара на изјавите кои доаѓаат од македонскиот државен врв.

– Господинот Заев, самиот, е првиот кој го демантира господинот Коѕијас, а господинот Димитров вели, нас ни вели, „Македонец сум и говорам македонски јазик“. Некои во владата го слушаат тоа без да одговорат, виновно или едноставно рамнодушно ја наведнуваат главата. Нивната неодговорност нема да се заборави. Грците не сакаат и не треба никогаш да бидат, да бидеме, слепи националисти, но знаат дека треба да бидат чесни патриоти – рече Мицотакис, пренесе МИА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...