Влада: Трошоците за емитување и продукција на содржини за референдумот се на Собранието

92


Владата денеска соопшти дека за кампањата за референдумот издвоила 6.500 евра, додека трошоците за емитување и продукција на содржини се на Собранието и на политичките субјекти.

Владата ги демантира, како што се наведува во соопштението, невистините изнесени од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за наводно трошење средства за снимање спотови поврзани со кампањата за референдумот.

– Како што и претходно беше јавно објавено, Владата на РМ одлучи да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот. Владата единствено резервираше средства во износ од 6.500 евра за активности на социјалните мрежи, а сите други комуникации кои подразбираат односи со медиумите и учество на јавни настапи се во организација на редовните активности на Секторот за односи со јавност на Владата на Република Македонија, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Продукцијата и емитувањето на спотовите на телевизиите за кое јавноста е сведок дека се уште не започнало, како што се посочува, е активност на Собранието на Република Македонија и на политичките субјекти, а не на Владата.

– Во спроведување на процесот на планирана јавна комуникација за референдумот, Владата на Република Македонија ќе работи транспарентно и отчетно, согласно стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста – релевантност, објективност, пропорционалност и рационалност, се потенцира во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...