Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претставници од заедницата на Македонците во Албанија, Ефтим Митревски и Нико Китани, кој е и претставник на македонското малцинство во Комитетот за национални малцинства при Владата на Република Албанија.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, од претставниците од заедницата на Македонците во Албанија е изразена поддршка за успешните процеси што водат кон напредок на Македонија во евроатлантските интеграции. Се разговарало за повеќе актуелни прашања и за резултатите од продлабочената комуникација меѓу Владата на Република Македонија и заедницата на Македонците во Албанија.
– Ќе ја интензивираме уште повеќе поддршката на принципиелно ниво, кон Македонците кои живеат и работат во Албанија. Постои позитивна политичка клима за тоа, нагласил премиерот Заев.
Претставниците на заедницата на Македонците во Албанија изнеле конкретни предлози на унапредување на квалитетот на живот и образованието на жителите од Мала Преспа, Голо Брдо и Корча.