Претседателот на Граѓанско демократската унија(ГДУ), Петар Колев и генералниот секретар на партијата, Димо Петкоски денеска во Клубот на пратеници присуствуваа на средбата на партиите кои ја поддржуваат кампањата за референдумот „Излези за европска Македонија“.
ГДУ не е дел од владеjачката коалиција, но информира дека дава поддршка за информативна кампања со цел граѓаните да се запознаат што подобро со придобивките кои земјата би ги имала како дел од ЕУ и НАТО.
„Граѓаните мора да имаат целосна слика пред реферндумот. ГДУ како конзервативна опозициска партија делува самостојно, надвор од двата табори и нашиот став во однос на референдумот е јасен, дека тоа е најдемократски начин за третирање на проблемите и интересите на граѓаните.
Република Македонија заслужува подобра иднина. Граѓаните очекуваат реални промени и вистински реформи во општеството. Ние како партија се залагаме за напредна безбедна и европска Македонија.
Уште еднаш ја испраќаме и нашата порака до граѓаните дека референдумот и визијата за иднината на земјата не треба да се врзува со поддршка за една или за другата партија. Неизјаснувањето на референдум е легитимно и демократско право, исто како и директното изјаснување, со гласање „за“ и „против“. Ова е можност за надпартиска одлука. Македонија заслужува да биде 30-та членка на Алијансата и да и биде дел од семјеството на обединета Европа“, се вели во соопштението на ГДУ.