Адвокатот Боро Тасевски по завршување на денешното рочиште за случајот „Насилство во општина Центар“ реагира на вчерашната изјава на обвинителката, Катица Јанева во која таа побара судот да ја зголеми динамиката на судските рочишта за предметите кои ги води Специјалното јавно обвинителство.
Тасевски вели дека не е возможно бранителите за толку кратко време да се подготват за рочиштата кои се закажуваат од ден за ден.
– Бранителите во овие предмети не можат трчајќи да ја изнесат одбраната, туку потребно е подготовка за рочиштата, а како е можна подготовка кога рочиштата се закажуваат од ден во ден на огромни предмети, кој е тој што може да подготви повеќе рочишта кои се закажани 3 во еден ден или последователно во повеќе денови еден по друг – рече Тасевски.
Тој исто така напомена дека вчерашниот и денешниот ден се јасен пример за бранителите дека ваквото барање на Јанева не само што не е оправдано туку е и насочено кон кршење на основните права, како кон обвинетите така и кон бранителите во овие постапки кои ги води СЈО.
– Господинот, Никола Груевски мораше да присуствува на рочиштето за „Насилство во Центар“, а во исто време беше закажана и јавна седница пред апелациониот суд по неговата жалба за предметот „Тенк““ – рече Тасевски по што додаде дека како бранители избрале да присуствуваат на ова судење од страв дека може да бидат казнети доколку предизвикаат одлагање на рочиштето, поучени од примерот од вчера кога не беше прифатено одлагање на рочиште поради поклопување на термини.
– Ова се очигледи работи, ниту адвокатите, ниту обвинитети не можат да се реплицираат или триплицираат па да присуствуваат на сите седници. Ако на ова го надоврземе инсистирањето за зголемување на динамиката, овие предмети да се решаваат со уште повеќе термини за мене како бранител е очигледно прекршувањето на основните права на одрана на обвинетите, но истовремено и правата на бранителите да формираат сериозна и ефективна одбрана во предметите – рече Тасевски./Макфакс