Ги кршеа стаклата и ги покажуваа гениталиите, сведочење за „Насилство во Центар“

619

На денешното рочиште за случајот „Насилство во општина Центар“ сведочеше поранешниот советник во општината, Никола Ѓоргиевски кој истакна дека за време на протестите, неколку од граѓаните кои протестираа им ги покажувале гениталиите на советниците од СДСМ и коалицијата, па дури и не им дозволувале да влезат во општината се со цел да не започне седницата на Советот на чиј дневен ред биле ставени 3 спорни ДУП-ови меѓу кои и црквата Св.Константин и Елена.

– Првично не можевме да влеземе во општината, па се снаоѓавме кој како знае, откако успеавме да влеземе лицата кои протестираат почнаа да ги кршат стаклата од општината, да ги покажуваат гениталиите, да не нарекуваат антихристи и фашисти – вели Ѓоргиевски.

Тогашниот советник истакна дека секогаш кога претседателот ќе го ставел дневниот ред на гласање, толпата од надвор станувала агресивна, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ барале да се откаже седницата бидејќи немало услови за работа.

Ѓоргиевски го повтори и она што го кажуваа претходните сведоци во случајот, дека имало присуство на полицијата, но не преземале ништо, односно им било кажано само да набљудуваат.

– Ова ќе остави црна дамка во општина Центар како една од најголемите општини во Македонија каде не смеат да се случуваат вакви работи – рече Ѓоргиевски.

На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи дали Ѓоргиевски препознава некој од судницата кој бил присутен на протестите, тој го посочи обвинетиот Митко Пецев./Макфакс

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...