„Го сакам Водно“ бара средби со одговорните за изградбата на гасоводот

Според нив, вчера на диво продолжија градежните активности за изградба на гасоводот преку Водно и оти се работи без почитување на цела листа на прописи и законски обврски.

87

Граѓанската организација „Го сакам Водно“ бара дебата со директорот на МЕР, градоначалникот на Скопје и заменик министерот за животна средина и просторно планирање на која, како што велат, јавно ќе ги изнесат нивните агрументи за изградбата на гасоводот низ Парк шумата Водно.

– Бараме ревизија на проектот, постапување на институциите по доставените претставки, нивна меѓусебна соработка, а не изземање од надлежности и неделување, како и одговорност и казнивост за сите пропусти и прекршени законски обврски – порачуваат од „Го сакам Водно“.

Нагласуваат дека, според нив, вчера на диво продолжија градежните активности за изградба на гасоводот преку Водно и оти се работи без почитување на цела листа на прописи и законски обврски. Како дел од пропустите ги истакнуваат немањето ознаки, обележан заштитен појас околу градежните работи, знак за предупредување дека работи тешка машинерија, документација на терен, адекватна униформа и заштитна облека за работниците, мобилни тоалети, ознаки на возилата, соодветен надзор, постојано присуство на противпожарно возило,…

– Се работи на изменета траса, не на проектираната траса и за степенот на измена треба да се утврди дали е во законските рамки на постоечкото одобрение за градење, кое пак самото содржи низа нерегуларности. За сите пропусти, поднесени се претставки до Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен инспекторат за труд, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Инспекторат на Град Скопје и до МЖСПП. Но, без резултат- велат од „Го сакам Водно“.

Сето тоа, како што посочуваат, е причината и одговор на прашањето зошто ја попречуваат изградбата на гасоводот со жив ѕид.

– За заканите по живот и наредбата да се гази се пред себе, очекуваме отстранување на тоа лице од понатамошна работа на овој проект, покренување на дисциплинска постапка и транспарентно објавување на целиот процес, да не остане само на декларативно искажани зборови, без преземени акции – потенцираат од „Го сакам Водно“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...