За да се интересираат медиумите за младите фотографи, прво треба да се интересираат за самата култура. Во изминатите години, националните културни случувања и успеси се експонираа сѐ помалку, па и речиси да не беа дел од интернет порталите или весниците.
Денес, 30-ти август, со почеток во 20 часот во НЛБ Галерија, пред македонската јавност премиерно ќе биде претставена изложбата „Актуелен момент во македонската современа фотографија“. На изложбата, во организација на Фото Сојузот на Македонија, ќе бидат изложени 38 фотографии од триесет македонски автори. По тој повод разговараме со тројца фотографи, учесници на изложбата, Дејан Гилевски од Фото клубот „Елема“ од Скопје, Дејан Краљевски од Фото кино клубот „Козјак“ од Куманово и Филип Лафазановски, самостоен автор и најмлад фотограф кој е застапен на изложбата.
Кој е актуелниот тренд во македонската современа фотографија?
Д. Гилевски: Македонската современа фотографија слободно може да се каже дека отсекогаш била доволно квалитетна и модерна во однос на светската фотографија. Многубројните признанија на меѓународните изложби за македонските фотографи се потврда за високиот квалитет на македонската фотографија. Убавината кај македонските фотографи е, всушност, во различноста во пристапот кон фотографијата, како и во односот кон темите што ги обработуваат.
Како изгледа профилот на современиот фотограф денес?
Д. Краљевски: Главна одлика на денешницата секако е различноста. Фотографот како уметник и фотографијата како медиум со кои се изразува единката, секако се прилагодуваат на тоа разногласие, така што не е возможно со хируршка прецизност да се дефинира ниту еден од овие поими. Напредокот на технологијата донесе брз проток и лесна достапност на потребните информации, па денес зад секое лице може да се наоѓа будното око на фотографот, кое лови мигови кои би сакал да ги овековечи во согласност со сопствените уметнички начела.
Колку фотографијата има моќ да внесе промени или свесност во општественото живеење?
Д. Краљевски: Моќта на фотографијата е подеднаква со моќта на сите други уметности. Таа е од една страна дел од единката, а од друга страна му припаѓа на општеството. Предност на фотографијата е тоа што многу брзо и едноставно се восприема, а со тоа и за кратко време ја пренесува својата порака. Секоја изложба и секој посетител на таа изложба се ехо на тие пораки кои ги носи фотографијата, и доколку пораката е доволно силно насликана, секако дека, преку оние кои ја примиле, станува своевиден фактор во општественото живеење.
Колку младите ги изучуваат класичните техники на правење фотографии или директно одат на дигиталтни формати?
Ф. Лафазановски: За да се изучува било која струка прво треба да се осознае основата. Во случајот со фотографијата, денес е како никогаш достапна и лесна за користење. Од таа причина младите почнуваат со дигитални формати и често остануваат на тоа, па затоа основните техники се само за оние кои навистина се интересираат. Важно е што повеќе фотографи да го разберат поимот и да не го злоупотребуваат со незнаење.
Колку медиумите им даваат простор на младите автори да ги доближат своите дела до јавноста?
Ф. Лафазановски: Вистината е дека, за да се интересираат медиумите за млади автори, прво треба да се интересираат за самата култура. Уште една вистина е дека, во изминатите години, националните културни случувања и успеси се експонираа сѐ помалку, па и речиси да не беа дел од интернет порталите или весниците. Би го прифатил овој факт доколку е поврзан само со моето име, но во нашата земја има убава бројка на млади уметници со сериозни успеси во и надвор од нашата држава, а сепак не добиле никаква медиумска поддршка. Во последно време изгледа како да се подобрува состојбата, и тоа дава надеж дека во блиска иднина, медиумите ќе почнат да препознаваат кои се вистински информации за споделување.
Преку кои теми, во изложбените дела, го доловувате актуелниот момент?
Д. Краљевски: Факт е дека околината секојдневно му наметнува безброј улоги на човекот, прашањето е кој всушност е тој човек? Зад која улога се гледа неговото вистинско битие и која улога би сакал самиот тој да си ја додели. Давањето лик и обезличувањето, мислам дека се доминантни теми во мојата фотографија.
Д. Гилески: Отсекогаш сум сакал да експериментирам со темите и начинот на обработката на фотографиите. Фотографијата во оваа колекција е доволно провокативна, несекојдневна, како тематски, така и во начинот на изработката и презентацијата. Иако фотографијата е изработена во 90-те години од минатиот век, мислам дека делува многу модерно и актуелно.
Инаку, оваа изложба претставува пресек на македонското фотографско творештво во последните десетина години, а во изминативе неколку години успешно ги претстави современите македонски фотографски текови надвор од земјата. Денес, конечно ќе можат да ја видат и љубителите на фотографијата во Македонија. „Актуелен момент во македонската современа фотографија“ е дел од овогодишните 56-ти „Денови на македонска фотографија“.
Фотографија: Филип Филиповиќ