Во старт велам дека не сум инженер проектант, ниту екологист, туку си ја земам слободата на граѓанин. Не испровоциран, туку обврзан по силата на животните и демократски закономерности, да го каже тоа што го мисли. Секако, од загриженост, подеднакво, како и секој совесен и добронамерен.
Најпрво, збор-два во врска со вознемиреноста што ја предизвикува пробивањето на трасата за гасоводот.
Ако немам нова идеја за неа, логично е да се молчи. Или, ако се пројавува со негација на постојната, апсолутно е логично за траса за гасоводот, да се има друго решение. Секако – рационално, продукт на темелено истражување.
Ако трасата не оди по сртот на Водно, каде се искачуваат главно оние што киптат од кондиција и планинарски ентусијазам, значи ли тоа дека тој проект треба да се спушти во подножјето, за да врви низ житарките, бавчите, пасиштата, дворовите?
Скопје како ретко кој град ја проголта огромната, отровна кнедла на некогашните урбанисти и политички мускулисти, кои зелените површини на бавчованџиите од Сарај до Катланово и Зелениково, од кои тие вадеа леб, а на метрополата ѝ сервираа здрава храна, им ги претворија во населби и фабрички комплекси, кои со децении систематски нѐ трујат.
Сртот на Водно е сламка во стогот на македонската еколошка бомба.
Молчиме за масакрот на шумите, и болестите од кои ни „умираат“ боровите на Пелистер, Кожуф. За урбанистичкиот хаос по градовите. За деградацијата на крајбрежјата на Охридско, Преспанско, Дојранско Езеро. За поморите на животинскиот свет во водите на Вардар, Радика, Брегалница, Бабуна, Тополка Црна, Треска, по чии корита одамна не течат чисти води, туку фекалии и разни индустриски отрови, а покрај другото, се срамната слика на нашето примитивно животно поведение.
Ќе опустел сртот на Водно, белите дробови на Скопје. Пустее Македонија. Ќе исчезнеле крошните на илјади стебла. Толку само во еден ден се жртва на пилите и секирите на дрвократците во државава.
На секој чекор каменоломи, ископи, руднички јаловини. А болна е приказната дека повеќето од нив функционираат вез принципот на шпекулата.
Опустеа стотици села. Замре животот во цели региони. Катанци се ставени на вратите на десетици илјади домови, чии жители се расселија по туѓински меридијани.
Нема здрав живот во заболени региони.
Зарем не е трагично сознанието за траорот што владе во многу населби, каде со години не се раѓа дете, не се склучуваат бракови, се затвораат училиштата? Одамна не бијат црковните камбани.
Поради македонската политичка анемија, економскиот хаос и социјалната разнебитеност, нашите деца, нашите мозоци, си заминаа речиси без збогување. Најдоа пристан преку големите води и во земјите на Стариот континент, кои, патем, немаат вложено ниту цент во оформувањето нанивниот интелектуален и професионален профил.
Да ги сочуваме водите, родните површини – лозјата, житарките, бавчите. Зашто, ова е време кога и најмалку упатениот му станува јасно дека тој што има чисти води и здрава храна, има и злато, и бакар, и нафта. Ако сакате – и оружје!
Нештата треба да ги перцепираме и резонираме со многу повеќе рационалност, а помалку романтика!