Пендаровски: Очекуваме да станеме полноправна членка на НАТО во првиот квартал од 2020 ВИДЕО

138

 Македонија очекува да стане полноправна членка на НАТО Алијансата во првиот квартал од 2020 година, изјави на денешната прес-конференција во Владата националниот координатор Стево Пендаровски.

Тој посочи дека во наредните неколку месеци Македонија треба да потврди дека целосно ги прифаќа сите одредби од основачкиот документ со кој НАТО Алијансата е формирана. 

– Очекуваме пристапните разговори да завршат до Нова година и потоа целиот процес ќе се префрли во грчкиот парламент и во парламентите на останатите земји-членки. Ратификацијата би требало да трае наредна година, за да станеме членка на НАТО во првиот квартал на 2020, рече Пендаровски.

Владата на денешната седница го усвои концептот на Националната структура за водење на процесот за зачленување на Република Македонија во НАТО.

Како што информира Пендаровски, во Националната структура има три тела. На највисоко политичко ниво ќе има Комитет за интеграција во НАТО, второто тело е Работен комитет за интеграција во НАТО, а третото тело е Секретаријат за оперативен логистички план.

– Во Комитетот за интеграција ќе бидат претставници од сите тела, органи, институции и министерства кои имаат каква било поврзаност со НАТО-интеграцијата, рече Пендаровски и додаде дека ова тело ќе го предводи премиерот Зоран Заев.

Второто тело, односно Работниот комитет, како што појасни Пендаровски, ќе ги спроведува одлуките на политичкиот, односно Комитетот за интеграции.

Пендаровски рече дека третото тело е Секретаријатот на целиот тим кој ќе биде надлежен за оперативна логистичка поддршка на Работниот комитет за интеграција во НАТО.

Трошоците за Македонија за обврските кон НАТО ќе изнесуваат не повеќе од 500 илјади евра на годишно ниво, рече Пендаровски и додаде дека  тоа зависи од бруто домашниот производ и од ресурсите на земјите-членки на Алијансата.

– Македонија во постојаниот буџет на НАТО би уплатувала 0,1 или 0,2 отсто од бруто домашен производ, односно околу 500.000 евра годишно. Тоа не е голем трошок, но тука не се вклучени мисиите на НАТО, рече Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...