Македонија оди по тенка жица

923

Сѐ можеше да биде подобро. Буквално сѐ. Првата грешка од почетокот на отпорот против диктаторчето и неговата Фамилија беше да се седне со нив на преговарачката маса. Тоа го бараше и меѓународната заедница. Еднаш, запрашан од извесни дипломати, зошто толку го критикувам Јоханес Хан на почетокот на тој тежок и матен процес, мојот долг одговор содржеше и прашање: Дали Груевски ќе беше разрешен, ако не и зад решетки или во домашен притвор, доколку прислушуваните разговори излезеа во некоја од членките на ЕУ? Одговорот беше да. Потоа следеа безброј такви ситуации. Ние на улица, а Груевски во комотни преговарачки фотелји. Чекор по чекор, тој ја изгуби наклонетоста и заштитата од странските дипломати, а неговата демисија стана неминовност.

СЈО заврши маестрална работа досега и сѐ уште лавовски се бори криминалците да се соочат со полната сила на правдата. Но, колку тоа е доволно за навистина да дојдеме до состојба на слобода, правда и еднаквост, колку тоа значи вистинска трансформација во демократско општество – се гледа на секој чекор, го чувствува секој човек што не е загаден со корупција и манипулации со епски размери.

Во овој критичен период, кога на тацна ни се сервираат членството во НАТО и интеграција во ЕУ, благодарение на храбрите и мудри одлуки на Заев и Ципрас, одиме по тенка жица меѓу силите на минатото што го живееме СЕГА и иднината што можеме да ја доживееме, повторно СЕГА.

Дејствувањето на Мицкоски и кликата што го постави и му газдува веќе одамна не е обично политикантско калкулирање, туку е класичен заговор против интересите на државата. Хистеричниот национализам, фашизмот и омразата што ги истураат со години наназад се само една димензија. Со неа некако се справува општеството, секако, со многу жртви. А, може да се справат и институциите кога ќе решат да почнат да го заработуваат лебот од јавните пари. Но, најопасно од сѐ е шурувањето со тајните служби што не му сакаат ништо добро на Балканот. Тоа е едно очигледно систематско, стратешко подривање на темелите на демократијата и напредокот на земјата.

Без оглед на тоа дали некој ќе гласа ЗА или ПРОТИВ или ќе реши да апстинира од гласањето, дали во знак на бојкот или затоа што не може или не сака да ја сфати важноста на секој поединец во општеството, институциите се тие што имаат обврска (!) да ја заштитат законитоста. ВМРО-ДПМНЕ и Бојкотирам се служат со противзаконски постапки, регулирани (казниви) според Кривичниот законик. Справувањето со заговори од овој вид не е наша обврска, туку на институциите. Нема да ги набројувам, на наш грб се постојано – и заговорниците и мрзеливите (благо кажано) институции.

Сите шанси што ги доби Мицкоски во текот на лидерските средби (пак ќе кажам, неуспешни, непотребни и незаслужени) и неговото одбивање на сите понуди, јасно укажуваат за деструктивната димензија на оваа политичка партија. Нема ништо толку недостоинствено како неславната улога што ја презеде Мицкоски и неговата асистентка со двете тешки торби во рацете, а тоа беше да бараат АМНЕСТИЈА и толку, ништо повеќе.

Дел од понудите се изненадувачки, како онаа за учество на ВМРО-ДПМНЕ во власта, но дури и тоа го одбија! Со жестокиот национализам со кој настапуваат во јавноста влегуваат во една опасна политичка самоизолација и на внатрешен и на надворешен план. Нејасно е како ја замислуваат својата политичка иднина како евентуални победници на парламентарни избори. Нејасно е како мислат да го артикулираат сѐ погласното внатрепартиско барање за демократизација и модернизација. Веројатно се откажале и од бенефициите што ги носи членството во меѓународни политички структури. Со еден збор – хаотичен распад, агонија. Затоа и толку отров истураат околу себе. Отров за сите пари (и рубљи и денари)!

Референдумот ќе успее и со помош на патриотите од оваа партија што сѐ уште е киднапирана од Фамилијата. Но, главниот збор ќе го имаат граѓанките и граѓаните, без оглед на нивната политичка или етничка припадност.

Освен што ќе успее референдумот, мора да мислиме и на денот потоа. Да ги засукаме ракавите и да ја поправиме штетата што направија ликовите што ги користат омразата и поделбите за да се извлечат себеси и парите што ги украдоа. И да ја затресеме владата што не ги исполнува ветувањата, а може.

А за Мицкоски, што да се каже? Сѐ си кажа и покажа самиот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...