Државата ќе врати 70 милиони евра во Банката на Советот на Европа, што беа наменети за проектот за изградба на Клинички центар, и од септември заедно со оваа институција и експерти од Европската комисија ќе почне да се работи на изноѓање решение за Клинички центар што ќе даде современа здравстена услуга на едно место.
Ова беше истакнато на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која во прво читање беше прифатен Предлог-законот за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкикот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип.
Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека парите ќе бидат вратени без државата да плати пенали или дополнителни средства. Тој појасни деак договорот е склучен на 97 милиони евра, од кои 70 милиони се за Клиничкиот центар во Скопје и кои ќе бидат вратени, а 27 милиони евра се наменети за Клиничката болница во Штип и тој проект се реализира.
Според министерот за здравство Венко Филипче средствата се враќаат затоа што со изградбата на Клиничкиот центар во Скопје нема да можело да се даде современа здравствена услуга и оти немало добро сообраќајно решение.
– За да дадеме современа здравствена услуга мора да имаме интегриран систем, а тоа значи се да се даде физички во еден објект, се мора да биде сместено на едно место, за да се скрати времето на давање на услугата и сите доктори да бидат присутни на едно место за да може да се намалат и компликациите. Сега пациентите се транспортираат со колички од една во друга страна, а тоа ќе останеше така затоа што повеќето згради ќе останеа, како кардиологија, гинекологија, инфективна, максилофацијална… и ќе останеше концептот на транспортирање на пациентите – истакна Филипче.
Според него, реализацијата на тој проект, од финансиски аспект, ќе значеше само почеток на нов циклус на инвестиции затоа што повторно немаше да се реши прашањето и клиники ќе останеа надвор, а и сега се за реконструкција.
– Повторно, посочи министерот, ќе се направеше еден концепт во кој нема да можеме да дадеме современа здравствена услуга.
Филипче најави дека од септември почнуваат мисија што ќе трае два до три месеци и дека врз основа на анализата ќе се знае каков Клинички центар ќе биде потребен во смисла на обем, димензија, број на кревети со кои располага, сега не само во Скопје, туку и во целата држава, и врз основа на нивната искористеност, како и бројот на лекари со кои се располага.