„Шефот ме бара”, ѝ рекол Бедредин Ибраими на седница на ДИК на Виолета Дума и излегол

1020

На судењето за предметот „Титаник 2″, прва сведочеше поранешната членка на Државната изборна комисија, Виолета Дума.

Обвинителката Фатиме Фетаи ја праша Дума дали се сеќава на седницата на ДИК, за приговорот за гласачкото место 1727 во општина Струмица, за локалните избори 2013 година.

– Дали видовте дека некој за време на седницата да му се јави на Бедредин Ибраими?, ја праша Фетаи, Дума. Таа потврди дека се сеќава оти на Бедредин му заѕвонил телефонот, бидејќи седела веднаш до него.

– Точно е дека му заѕвони телефонот и господинот Бедредин излезе, рече Дума.

Таа не се сети дали видела на телефонот, или Бедредин ѝ рекол „Шефот ме бара”. Таа рече дека не го разбрала разговорот меѓу Бедредин и соговорникот, зашто говорел на албански јазик.

Дума пред судот рече дека откако Бедредин се вратил во салата, немало дискусија и се преминало на гласање. Како што рече Дума, пред повикот Ибраими рекол дека е на иста линија со неа, дека приговорот на ВМРО-ДПМНЕ е неоснован, но откако разговарал по телефон, гласал како и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, па соодносот на гласови бил 4:3, и ДИК го прифатила приговорот.

– Членовите на ВМРО плус Бедредин гласаа ,,за”, а јас Кондарко и Субхи, гласавме против – рече Дума.

Во овој предмет доказ на СЈО е и бомбата во која Ибраими добива инструкции од лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да гласа ,,за” приговорот на ВМРО-ДПМНЕ./Макфакс

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...