Отако сето ова ќе помине и ќе не стават на шини, ќе треба да ни закачат и локомотива, бидејќи нашава зарибана е. А и шините ќе треба троа да ги подоправат, оти искривени и расклатени се. Ќе треба и вагоните да ги изреновираат, за да имаме минимум пристојност.
Во целина гледано, поедноставно им е да не помножат со нула, отколку да се трудат да не стават во функција.
Disabled е зборот. Или на македонски – недугави. Недугави до болка. Па уште и вообразени и самобендисани дека светот од нас почнува и дека нешто од нас зависи.
Комплексот на мали куриња е тој што цели три децени нè следи и не ни дава трезвено и рационално да размислуваме, па за сенешто во гради се удараме. Демек горди Македонци. А градите помодрени и стомакот празен.
Disabled е зборот. Или во превод -недугави.
На некои нации им е судено да живеат во жабурник, оти светогледот им е жабји. Да имавме крила се ќе беше поинаку. Ама жаби со крила не постојат.
Тажна Македонија. Јадна Северна и раскантана. Опљачкана и неписмена. Античка и Гоцева. Полна со себе, а шуплива од внатре.
Клучното прашање е што можеме ние денес како вредност на светот да му понудиме? Одговорот на ова едноставно прашање е тоа што нè дефинира во целина како нација. Се друго се приказни, митови и бајки.
(ФБ статус на авторот)