„Драмски“ ја објави богатата биографија на Ванчо Петрушевски

544

Со огромно жалење соопштуваме дека вчера почина доајенот на Драмски театар актерот Ванчо Петрушевски. Џинот од македонската актерска сцена својата кариера ја помина токму во Драмски театар уште од 1975 година и остави безброј актерски остварувања. Комеморацијата за Ванчо Петрушевски ќе се одржи утре (27.8) со почеток во 10:00 часот во просториите на Драмски театар Скопје.

Во прилог Ви доставуваме биографија – стои во соопштението на Драмскиот театар Скопје.

Иван Петрушевски, актер, роден е на 19 април 1951 година, во Скопје. Дипломирал на Отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во 1975 година. Од истата година како актер работи во Драмскиот театар во Скопје, сè до неговото пензионирање во 2017та година. Со успех настапувал во повеќе улоги во претстави од домашни и странски автори и секој пат покажува духовити поединости кои им даваат на неговите ликови карактеристични движења и гримаси. Неговата актерска игра се одликува со ненаметливост и спонтаност во изразот како виртуозно обликување на комични и трагични ефекти со што ги плени театарските гледачи, со што тие стануваат негови обожаватели. Со мангупска комика, непрекинато концентриран, играта успева да ја префрли преку рампата до гледалиштето, со што Ванчо Петрушевски го вбројуваме во редот на исклучителни актери. Во реализацијата на своите улоги пристапува со препознатлив такт, истенчен вкус, со бараната и добро најдена мера. Зборовите му се лизгаат низ јазикот на устата во ликовите на мноштво досега одиграни претстави, во честите улоги на слуга, како и во многу други, во кои и со лакти се бори за парче леб, за поголеми права, со жив гест, како кај секого кој на животната сцена треба да ги избегнува ударите, сè уште не можејќи да ги задава. Со видлива еластичност, грациозност, осцилирајќи помеѓу шерет и арамија, помеѓу Арлекин и ограбувач, Ванчо Петрушевски ни прикажува разиграни типови безгрижни и лукави слуги со природна нескротливост; во повеќе мигови се чини дека затворените граници на сцената се прошируваат и неговите ведри, живи ликови вибрираат во слободниот простор.

Во улогите внесува, по потреба, и локална боја и зад неговата успешна маска се крие превеан, лаком шпекулант, кој наизменично се обидува скапо да го наплати или прикрие своето учество во разни дејства, дрзок и суров во грабежот.

Пред сè, неговите ликови на театарската сцена дејствуваат со висока свест и достоинство, кај него нема невкусност, примитивност, вулгарност, надворешно карикирање. Успешно прикажува секојдневни ликови на обични луѓе, а во нив однатре, длабоко е скриена карикатурата. Жив, секојдневен и во драмите и комедиите, пристојно облечен, внатре во него се гледа мајсторски зададената изопаченост. Неговиот глас, смеа, песна, плачење, гнев ја откриваат во неговата потсвест скриената намера, мисла. Со полетната моќ на талентот, лета на сцената со своето мајсторско уметничко творештво. Ванчо Петрушевски покажа дека е артист со голема внатрешна моќ и енергија, дека знае да навлегува во драмските ликови мошне студиозно и стилски изнијансирано. Актер со голем актерски потенцијал, кој остварува целосни карактери на ликовите.

За него критиката пишува во суперлативи „… Суфлерот во Лебедова песна многу суптилно го обојува својот лик со хумор, со што уште повеќе ја покажува својата природа на сенка-човек. Исто толку несреќен колку големиот актер…“.

„… Многу значајно место во севкупната поставеност на дејството има играта на Ванчо Петрушевски, како Човекот со ѓеврек и Човекот со лузна. Со лежерно мајсторство, неговите појави на сцената точно ги лоцираат идеите на режисерот Владимир Милчин за пресметка со мракот, мачнината. Тежината на поттикот е да се оди докрај, до безизлезот, да се биде на сечилото на ножот, на кое се води пресметката со мракот/мачнината, Да се чуе крикот на оние чија адреса е улицата… (Марисол).

„Актерите на сцената Благој Чоревски и Ванчо Петрушевски си го говорат текстот, разговараат меѓу себе. Така како што милуваат и како што го сфаќаат светот на своите јунаци. Сè е едноставно, наше, животно, страшно… Некој се смее, некому му пука чирот, го притиска мачнината од ’сценската вистина’, секој од својот ракурс на видогледот“. (Сега му е мајката). Мето Јовановски, Бајруш Мјаку, Димче Мешковски, Ванчо Петрушевски „докрај беа во интимата и структурата на своите јунаци, секоја реплика да носи ново чувство, нов неочекуван и непредвидлив набој на емоции, нов елемент од светот во кој човекот е само дел до бескрајот на чиј почеток е неговата беспомошност, а на крај на тој почеток е надежта…“. (Вујко Вања).

„Од изведувачката екипа, главниот збор го водеше Ванчо Петрушевски. Го разви својот богат „сценски темперамент“ во повеќето различни улоги што ги креираше, претставувајќи ни ги со една мошне сензибилна фактура. Неговите комични сенчења на ликовите ја имаат секогаш нужната пластичност, свежина, неповторливост. Тоа беше безмалу артистичка вечер на Петрушевски, кој лесно се трансформираше од лик во лик, од сцена во сцена, со што заслужено ги освои симпатиите на публиката. (Иван Ивановски: „Панургиј“, „Современост“ бр. 6, 1980 год.)

„Една од константите на претставата и едно од најпријатните изненадувања, секако, беше креацијата на Иван Петрушевски во улогата на Јове Лапало, кој се залагаше во играта да внесе посодржајна комика и чии трансформации беа мошне успешни…“. (Лилјана Мазова: „Меѓу можностите и желбите“, „Нова Македонија“, 10 февруари 1980 год.).

„Мачорот Мики Траси на Ванчо Петрушевски на интерпретацијата ѝ обезбедува автентичност со убава промена во говорното темпо и во музичката интонација…“. (Лилјана Мазова: „Артикулирана артистичка пулсација“, „Нова Македонија“ , 11 ноември 1982 год.).

И младиот Иван Петрушевски (Ваво) во претставата Ослободувањето на Скопје… „врз база на мимика, гест и артикулација прави креација која дејствува мошне убедливо со доследноста и пластичноста на креирањето на ликот; креацијата на овој млад актер претставуваше мало откритие во претставата…“.

„Тројниот Јаков преку играта на Ванчо Петрушевски, Јовица Михајловски и Ненад Стојановски е предаден со различен интензитет, но во една заокружена мисловна целина. Во колективниот концепт на играта, сите ликови се маестрално предадени, како што и секој за себе претставува сценски актерски бисер…“. Ванчо Петрушевски (Јаков), во иднината успева во ликот да ги вплете многузначностите важни за целата претстава… (Ванчо Каранфилов: „Секој има свое дупло дно“, „Екран“, 10 февруари 1984 год.)

Во претставата Собирен центар од Душан Ковачевиќ, во режија на Коле Ангеловски, Ванчо Петрушевски маестрално го толкува ликот на Јанко – „го игра раскошно, крајно разиграно, со голема животна уверливост, внесувајќи извонредна атмосфера во целата претстава…“ (Новка Блаер: „Поетична и иронична утеха“, „Екран“, 2 февруари 1989 год.)

Иван Петрушевски и Снежана Михајловиќ своите улоги ги одиграа „мирно и со потресна едноставност“, „меѓу себе се надополнуваа и го згуснуваа впечатокот од играта на целиот ансамбл. Посебно се извојуваше Петрушевски, кој на сцената изгради класична претстава за помлад офицер, во која се противставени должноста и немирот предизвикани од безизлезноста на живејачката. Неговиот лик беше изграден со точна употреба на комични и мрачни елементи. Тоа придонесе Петрушевски да биде еден од носителите на играта во претставата… (Мишел Павловски: „Состав од знаци“, „Нова Македонија“, 23 февруари 1991 год.)

Ванчо Петрушевски е активен на повеќе полиња и надвор од театарот. Водител на кулинарско шоу, снима филмови. Со група актери ја создаваат македонската естрада, со друга група актери прави претстави како што е Женски оркестар. Со неговите колеги Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Емин Унџел, Димче Мешковски… со децении работат заедно на многу комични серии, пиеси, скечеви. Еден е од творците на серијата Македонски народни приказни. Многу генерации го препознаваат по ликот на Рамче, без да фрла сенка врз популарноста на тој лик на улогите што ги работи в театар, напротив.

На богатото актерско портфолио ја допишува претставата Крвта не е вода, со која весникот „Дневник“ го одбележа својот 15-годишен јубилеј. Во Австралија бил десетина пати и со тамошните аматери во театарот „Бумеранг“, по текстови на Мише Авторовски, режирал и играл во повеќе претстави: Ај лав ју, жими мајка, Ожени ме, мајко, за пејачка, Развод на македонски начин, Битола–Прилеп, преку трупа…

Еден од првите Македонци што настапиле во странски филм е Ванчо Петрушевски – во 1988 година, во Мемо, мојот татко. Кај нас го снимил филмот Досие КА по негово сценарио и продуцентство, а истовремено ја толкувал и главната улога.

Негова најголема пасија, која мошне успешно ја креира, е сликарството. Во тишината и убавината на руралното Орешани, недалеку од Скопје, ја креира како што вели својата пасија, сликарството. На едно место ќе каже: „Орешани, рајот на земјата во кое најдобро се снаоѓам. Морам да признам дека овде многу релаксирано и спокојно работам, а кога ќе имам добар мотив и инспирација ништо не ми пречи, не може да ме запре. Знам да станам и сред дружба, на штафелајот, кој е на неколку метри од мене, да повлечам со четката три-четири потези и повторно да седнам и да се дружам…“.

Во природно зелениот предел на Орешани, покрај реката Вардар, недалеку од метрополата, се наоѓа неговата викендичка во која доаѓа да се ослободи од негативните тензии на градската бучава, како што ќе рече: „Рајот во кој најдобро се снаоѓам и ги полнам батериите за нови потфати“

Неговите многубројни настапи на естрадата, на радиото, филмот и телевизијата, со неговиот талент, умешност, шарм, го прават една од најпопуларните личности во земјава и пошироко.

Селективниот репертоар на сцената на Драмскиот театар во кој настапува, покрај многу други, е:

1. Ослободувањето на Скопје (Ваво), од Душан Јовановиќ, режисер Слободан Унковски (1978 год.).

2. Солунски патрдии (Сотка), од Миле Поповски, режисер Коле Ангеловски (1979год.).

3. Панургиј (Јове Лапало), од Русомир Богдановски, режисер Коле Ангеловски (1980 год.).

4. Чудото на свети Ѓорѓија (Старецот) од Русомир Богдановски, режисер Слободан Унковски (1981).

5. Сомнително лице (Алекса Жуниќ), од Бранислав Нушиќ, режисер Коле Ангеловски (1981 год.).

6. Мачорот Мики Траси и Џингин Кан (Мачорот Мики) од Весна Парун, режисер Звездана Ладика (1982 год.).

7. Полнета птица (Ѓукица Цуфај), од Фадил Хоџиќ, режисер Димитрие Османли (1982 год.).

8. Дупло дно (Јаков), од Горан Стефановски, режисер Слободан Унковски (1984 год.).

9. Коприварник (Дон Корлеоне) од Иван Карадак и Љупчо Силјановски, режисер Коле Ангеловски (1986 год.).

10. Ноќ спроти Водици (Кловнот), од Шекспир, режисер Диме Станкоски (1986 год.).

11. Собирен центар (Јанко), од Душан Ковачевиќ, режисер Коле Ангеловски (1989 год.).

12. Чија си (Ристо), од Сашко Насев, режисер Диме Станкоски (1991 год.).

13. Женски оркестар (Паца) сценска адаптација Сашко Насев, режија Диме Станкоски (1991).

14. Грев или шприцер (Поштарот Миле) од Сашко Насев, режисер Диме Станкоски (1992 год.).

15. Харем (Тимон Овцата) од Сашко Насев, режисер Диме Станкоски (1994).

16. Маратонците го трчаат почесниот круг (Лаки), од Душан Ковачевиќ, режисер Диме Станкоски (1994 год.).

17. Зоолошка приказна (Питер), од Едвард Олби, режисер Диме Станкоски (1994 год.).

18. Сега му е мајката (Бобо), од Горан Стефановски, режисер Диме Станкоски (1995 год.).

19. Вујко Вања (Илич), од Чехов, режисер Диме Станкоски (1997 год.).

20. Словенскиот ковчег (Таткото), од Венко Андоновски, режисер Диме Станкоски (1998 год.).

21. Платонов (Трилоцки), од Чехов, режисер Диме Станкоски (1999 год.).

22. Земјомерот (Земјомерот) од Никола Колјада, режисер Владо Милчин (2000 год.).

23. Сонот на летната ноќ (Деметар) од Шекспир, режисер Диме Станкоски (2001 год.).

24. Тетовирани души (Кољо), од Горан Стефановски, режисер Сашо Миленковски (2001 год.).

25. Марисол (Човекот без лице), од Хозе Ривиера, режисер Владимир Милчин (2004 год.).

26. Хамлет од Долно Гаштани (Мисаиле), од Иво Брешан, режисер Мето Јовановски (2004).

27. Македонски рулет (Тозо) од Љубиша Георгиевски, режисер Сашо Миленковски (2007).

28. Лебедова песна (Собарот) од Чехов, режисер Бранко Ставрев (2009).

29. Баал (Мех) од Бертолд Брехт, режисер Мартин Кочовски (2011).

30. Чија си (Ристо), од Сашко Насев, режисер Љупчо Ѓоргиевски (2013 год.).

31. Живот во тесни чевли (Весел), од Душан Ковачевиќ, режисер Ненад Витанов (2914) год.)

32. Буре барут (Свето), од Дејан Дуковски, режисер Сашо Миленковски

33. Атена со пенис од Александар Русјаков, режисер Синиша Евтимов

Ванчо Петрушевски настапувал на сцените на МНТ; НТ Штип, НТ Велес и др.

Награди:

·

Награда „Димче Трајковски“ за улогата Јаков во претставата „Дупло дно“ (1985 год.);

·

Награда за актерско остварување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во претставата „Собирен центар“ (1989 год.).

·

Во 1987 година, Ванчо Петрушевски го доби признанието за најпопуларно ТВ лице на годината според гласовите на читателите на весникот „Вечер“.

·

Во 1988 година, според анкетата на ревијата „Екран“ е добитник на наградата „Најдобро артистичко остварување во филмот и на телевизијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...