Најголем буџет од 41,6 милиони денари е одделен оваа година за инвестирање во изградба и доградба на детски градинки, адаптација и опрема на градинките, што е за 44 проценти повеќе во однос на 2017 година кога за истата намена биле искористени околу 29 милиони денари.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Посочи дека најголем дел од инцвестициите, повеќе од 80 проценти се во рурални општини, со цел да се постигне, како што рече, рамномерен регионален развој и да се даде еднаква шанса на децата и од руралните и од градските средини за постигнување подобри резултати во образованието и животот понатаму“.
– Заклучно со август се реализирани 42 процента од планираниот буџет за оваа намена во 2018 година, односно веќе се инвестирани 17,5 милиони денари во детски градинки. Оваа сума е речиси иста со сумата која била инвестирана за цела 2015 година и за околу три милиони денари повеќе од потрошениот буџет наменет за оваа намена во 2016 година – прецизира Царовска.
Додаде дека во изминатиот период за нешто повеќе од година, се отворени 11 нови објекти за згрижување деца од предучилишна возраст и обезбедивме 86 вработувања, а се зголемил капацитетот за 616 деца.
– До крајот на годината планираме отворање на уште 14 градинки со вкупен капацитет од 682 деца и планирани 97 вработувања, кои треба да се реализираат до крајот на годината. Оваа Влада инвестира финансиски средства во развојот на предучилишното образование и институциите за заштита на деца со цел да ги подобриме условите за раст и развој на децата во нашата држава – истакна министерката.
Според неа, освен што се создаваат нови капацитети, Министерството се грижи и за вработените и токму затоа со септемвриската плата што се исплаќа во октомври, како што посочи, воспитувачите и негувателите ќе земат за пет отсто повисока плата.
– Наследивме систем со дефицит од повеќе од 2.000 вработени кои што недостигаа во системот, и досега обезбедивме над 900 лица кои работат со тоа се зголемува и квалитетот на дадената услуга во градинките – заклучи министерката за труд и социјална политика.